ВМРО-ДПМНЕ замина во опозиција во битолскиот Совет

Фото: Слободен печат

На вчерашната маратонска седница на Советот на Битола се случи вистински политички „земјотрес“.

ВМРО-ДПМНЕ по напуштањето на неформалната коалиција на советниците од независната листа „Поинаку“ по повеќе од година и половина го изгуби мнозинството во Советот на Битола.

Од синоќа со битолскиот Совет раководи нововостановената неформална коалиција СДСМ, Поинаку и Левица.

Новата „коалиција“ која брои 18 советници на истата седница ги разреши управните и надзорните одбори на шест јавни претпријатија: „Водовод“, „Комуналец“, „Пазари“, „Паркинзи“ Жабени и Културно информативниот центар.

Од СДСМ Битола изразија благодарност до сите советници што го поддржаа предлогот на советничката група на СДСМ и коалицијата во Советот на Битола за разрешување на членовите на управните и надзорните одбори во шесте јавни претпријатија кои според нив работеле недомаќински и не работат во интерес на граѓаните.

-Членовите на управните и надзорните одбори во „Водовод“, „Комуналец“, „Пазари“, „Паркинзи“, ИЗ „Жабени“ и Културно-информативниот центар се подеднакво одговорни за катастрофалното работење како и директорите назначени од градоначалникот Тони Коњановски. Токму градоначалникот Коњановски со месеци молчи и ништо не презема додека пред очите му се случува колапс на Битола. Коњановски, заради мир во сопствените партиски редови, скоро две години ги штити и брани директорите кои ги претворија претријатијата во загубари. Коњановски избра да слугува на ДПМНЕ, а не да работи во интерес на Битола. Затоа, разрешувањето на управните и надзорните одбори е единствениот чекор кој може да го преземе Советот во моментов, пред да биде предоцна за спас на претпријатијата од кои зависи секојдневниот живот на битолчани. Матрицата на ДПМНЕ останува иста, без разлика дали се работи за двоецот Владимир Талески и Слободан Бончановски или за тандемот Тони Коњановски и Борче Димитровски. Ама битолчани не сакаат да гледаат ист филм двапати. СДСМ ќе ги искористи сите можности за да го спречи грабежот на парите на битолчани-велат од битолската СДСМ.

На вчерашната седница на Советот на Битола единствено јавно претпријатие кое не се најде на дневен ред за разрешување на управниот и надзорниот одбор остана ЈП „Нискоградба“.

Пред гласањето, советниците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата и рекоа дека одлуката за разрешување на управните и надзорните одбори е спротивна на Деловникот и градоначалникот Тони Коњановски нема да ја потпише.

-СДСМ,ДОМ, Левица и Поинаку вчера си играа Совет на Општина Битола. Незаконското делување е стил на оваа Шарена коалиција која беше дел од Шарената револуција на Заев. На вчерашната седница на барање на советничката група на СДС беше побарано да се постават дополнителни точки за разрешување на членови на управни и надзорни одбори во јавни претпријатија, надвор од позитивните законски прописи, и спротивно на член 17 од Законот за јавни претпријатија во кој стои: „Основачот може да ги разреши сите членови на управниот одбор на јавното претпријатие пред истекот на мандатот доколку не даде согласност на годишната сметка и извештајот за работењето на јавното претпријатие“. Годишните сметки и извештаите за работењето беа усвоени во април на 26-тата седница. И покрај укажувањата на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, претседателката на Советот Габриела Илиевска по вторпат постапи незаконски. Првиот пат беше кога незакноски ја прекина седницата за што има и записник од Инспекторатот за локална самоуправа и предложените дополнителни точки беа ставени на Дневен ред. Пред расправата и гласањето ние како советничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата кажавме дека советничката група нема да учествува во ова незаконие и циркус и ја напуштивме седницата на Советот на Битола-изјави за „Слободен печат“ координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и заменик градоначалник на Битола, Бојан Бојкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот