ВМРО-ДПМНЕ и БЕСА се пиромани на меѓуетничките односи

Зоран Бојаровски

Најавата за протести и контрапротести за крстот на Попова шапка потрдува дека ВМРО-ДПМНЕ и БЕСА се спремни да ја втурнат државата во хаос и безредие, во меѓуетнички конфликт, или да поттикнат спирала на тензични настани со обид за дестабилизација на државата

Провидна е, ептен е провидна играта играта меѓу БЕСА и ВМРО-ДПМНЕ околу крстот во манастирскиот комплекс Св. Наум на Попова Шапка.
Уште не се исуши мастилото на соопштението на Тетовско-гостиварската епархија на МПЦ-ОА, дека добиле решение да го отстранат крстот во манастирот кој беше поставен на 16 ноември и кој оттогаш наваму локалните партиски војници на ВМРО-ДПМНЕ и БЕСА, како и некои други сателитски партии кои орбитираат околку овие две, го користат како маша за разгорување на меѓуетничките односи во Тетово со силна радијација во целата држава.
Иако Тетовско-гостиварската епархија на МПЦ-ОА соопшти дека на решението за отстранување на крстот ќе биде поднесена жалба и дека „разрешувањето на ова прашање ќе го бараат преку достапните правни механизми“ со апел до граѓаните „да не подлегнуваат на зачестените провокации и да бидат посветени на мирот и добрите меѓурелигиски односи“, тоа не ги спречи пироманите од БЕСА и од ВМРО-ДПМНЕ да долеваат бензин на огнот. Активистите на првите најавија протест на 29 декември, а вторите реагираа со апели на социјалните мрежи „да се спречи уривањето на крстот“.
Подгревањето на оваа атмосфера почна десеттина дена откако крстот беше поставен во дворот на манастирот, кога по првичните реакции и протести следуваше симнување на знамето на МПЦ-ОА.
Меѓу жителите на Тетово веќе сè погласно се зборува дека станува збор за координирана драма и провокација во режија на БЕСА и ВМРО-ДПМНЕ, партии што ја делат власта во Општина Тетово, а во овој случај глумат лудило дека бранат „национални“ или етнички интереси.
Лудилото прилично добро го илустрира Стефан Богоев, потпретседател на СДСМ, кој во еден свој медиумски настап вака ја дефинираше оваа состојба: „Касами ќе го руши крстот на Шара, а ВМРО-ДПМНЕ, чиј човек е секретар и втор човек во Општина Тетово, ќе го брани“.
Инаку, да потсетиме, Билал Касами стана градоначалник и БЕСА го доби мнозинството во Советот во Тетово, благодарение на поддршка на ВМРО-ДПМНЕ. Секретар на општина Тетово, односно вториот човек на Општината е истакнат активист на ВМРО-ДПМНЕ.
Тоа е истата таа општина со секретар од ВМРО-ДПМНЕ кој издава решение да се урива крстот и истото тоа ВМРО-ДПМНЕ кое сега најавува контраптотест за да се спречи уривањето.
Ем коалиција за заеднички партиски интереси, ем за глумење лудило.
Сето то е само најава за една екстремно валкана предизборна кампања во која секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ е во прашање, први на листата за поткопување на општественото ткиво на државата се меѓуетничките односи, со пропаганда со говор на омраза и дезинформации.
Дестабилизацијата на земјата и нарушувањето и потпалувањето на мултикултурализмот е секогаш податлив експлозив за столбовите на општеството какви што се меѓуетничките односи.
Веќе е одамна јасно дека овие дејанија, поткопување на меѓуетничките односи, по правило се динамизираат за време на големи процеси кои се од стратешки интерес за државата, како и во периодите пред и за време на изборите.
Во прилог на ова одат поттикнатите насилни настан во Општина Чашка, на што им претходеше тестирањето на чувствителноста на меѓуетничките односи со иницијативата во повеќето општини во владение на ВМРО-ДПМНЕ во основните училишта наставата да отпочнува со пеење на химната, на што веднаш одговори токму Билал Касами, кој изјави дека во училиштата со настава на албански ќе се пее албанската химна.
Ова само потврдува дека ВМРО-ДПМНЕ и БЕСА се спремни да ја втурнат државата во хаос и безредие, во меѓуетнички конфликт, или да поттикнат спирала на тензични настани со обид за дестабилизација на државата.
Тука, блиску до оваа пироманската коалиција, е и Левица за да долева масло на огнот, како и секогаш, бидејќи тоа единствени најдобро го знаат.
„Градоначалникот на Тетово Касами во континуитет е најизразено сецесионистички градоначалник во државата, покрај другите градоначалници од албанската екстремна десница, кој постојано и на секој начин ги поткопува принципите на македонската државност. Екстремно десничарската фашистичка и антисекуларна политика постојано ги подгрева меѓуетничките тензии и ги таргетира Македонците, како за нивниот идентитет и држава, така и за верските чувства“, пишува во соопштението на Левица.
Едно комплетно сиже за екстремни позиции, за „острење“ на потенцијалот за немири, зголемување на омразата, тензиите и на крај – за насилство.
Од сето ова, само по себе произлегува заклучокот дека на сцена е радикализацијата на екстреманата десничарска политика во Северна Македонија, на којашто не ѝ далечно да предизвика хаотични и неконтролирани последици кои се закана за мултиетничка кохезија на земјата, па и за нејзината стабилност.

(Авторот е новинар)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот