Влатко Стефановски ги промовира двата нови албума и во Скопје
Двете најнови дискографски изданија на Влатко Стефановски – „Гитарата пее“ (Guitar Sings) и „Мускулна мeморија“ (Muscle Memory), ќе бидат промовирани денеска, во 12 часот, во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје.
Препорачано
Еден од најистакнатите македонски гитаристи и автори на регионалната сцена, кој неодамна ја доби престижната музичка награда Porin Special Merit Award, пред јавноста ќе ги претстави своите песни во присуство на претставници на „Кроација рекордс“ од Загреб, чиј долгогодишен ексклузивец е токму Стефановски.
„Новиот студиски албум „Мускулна меморија“ (Muscle Memory) има девет нови песни, кои стилски се движат помеѓу прогресивен рок и фјужн, со препознатливите виртуозност и емотивна изразност, што со децении го обележуваат неговото творештво,“ велат од „Кроација рекордс“.
На албумот има пет вокални и четири инструментални композиции.

„Покрај неверојатните гитарски солажи на Влатко Стефановски и неговото карактеристично чувство за мелодија, песните како „Модерни времиња“, насловната „Мускулна меморија“, „Ми недостасуваш„, „Срце скршено“ и други звучат продукциски и изведбено на светско ниво. Албумот е уште еден доказ за она кон што Влатко Стефановски се стреми во текот на целиот свој уметнички пат: постојано истражување, поместување на сопствените граници и создавање уникатен музички израз,“ додаваат од „Кроација рекордс“.
Познати инструменталисти се гости на албумот: Звјездан Ружиќ на мелотрон, Дамир Имери на клавијатури, Горан Папаз на саксофон, како и постојаните членови на неговото трио Јан Стефановски на тапани и Иван Кукиќ на бас-гитара.
Овој албум излегува веднаш по неговиот инструментален албум „Гитарата пее“ (Guitar Sings), на кој гитарскиот виртуоз на посебен начин ги изведе најголемите хитови на Ѓорѓе Новковиќ во соработка со Лондонскиот симфониски оркестар.


