Властите во Париз притиснале „Фигаро“ да ја отпушти дописничката од Белград поради критики кон Вучиќ, тврди друг француски весник
Француските власти извршиле притисок врз весникот „Фигаро“ да ја отпушти долгогодишната дописничка од Белград, Милица Чубрило Филиповиќ, поради „премногу критички статии“ за српскиот претседател Александар Вучиќ, тврди францускиот весник „Куриер де Балканс“.
Препорачано
Оттаму велат дека Филиповиќ, која работела за дневниот весник „Фигаро“ повеќе од десет години, била отпуштена „под притисок од француското Министерство за надворешни работи и од акционерот Дасо“.
Интервенцијата на највисоко ниво, како што посочуваат, била потврдена преку размената на е-пошта со нејзините контакти во „Ле Фигаро“.
„Целата оваа работа дојде како шок и замоливме за објаснување, кое потоа беше пренесено од акционерот до нас“, напиша редакцијата во е-пошта, наведувајќи загриженост за „новинарската неутралност“.
Оттаму потсетуваат дека Филиповиќ претходно се занимавала со политика во својата земја до 2014 година, по што започнала да пишува новинарски статии, кои како што велат очигледно не му се допаѓале на „српскиот режим“. Филиповиќ долго време беше блиска со Демократската партија на Србија, беше министерка за дијаспора од 2007 до 2008 година, а подоцна и амбасадорка на Србија во Тунис. Таа ја напушти политиката и дипломатијата во 2014 година.
„Нејзините статии, секогаш внимателно истражени, секако не му се допаѓаат на српскиот режим, но се чини дека предизвикуваат непријатност и во Париз, дури и кога француската влада ја поздравува ветената продажба на борбени авиони „рафал“ на Србија. Додека Србија од ноември 2024 година е зафатена од моќно демократско протестно движење, Париз претпочита да ја покаже својата поддршка за автократот Вучиќ“, пишуваат од францускиот весник.
Оттаму додаваат дека додека колегите новинари во Србија се подложни на „немилосрден притисок од авторитарниот режим на власт во Србија“, „Ле Куриер де Балканс“ сака да ја изрази својата целосна солидарност со дописничката Милица Чубрило Филиповиќ, нагласувајќи дека нејзината независност и професионална строгост биле добро познати и ценети од нивните читатели.


