Власта спрема жестока кампања ако членовите на Судскиот совет не заминат
Во Собранието, пак, противудар подготвува опозициската ДУИ по најавата дека ќе поднесат интерпелации за уставните судии. Пратеникот на ДУИ, Илир Хасани, вчера тоа го најави на седницата за интерпелации на членовите на Судскиот совет
Морална одговорност и во најмала рака оставки, очекува премиерот Христијан Мицкоски откако Собранието со речиси 70 гласа им изгласа недоверба на петте члена на Судскиот совет избрани од парламентот. Од претседателот Александар Камбовски власта очекува Советот да расправа за изгласаната недоверба на дел од нивните колеги, во спротивно, висок функционер од ВМРО-ДПМНЕ брифира дека петтемина ќе се соочат со жестока кампања како форма на притисок за тие да поднесат оставки, а во игра сè уште е и распуштање на целиот Судски совет. Од Советот не добивме одговор дали ќе расправаат за изгласаната недоверба на колегите. Од друга страна, како контраудар опозициската ДУИ најави интерпелација за уставните судии поради Законот за јазиците.
Препорачано
Собранието покрај изгласаните интерпелации на Весна Дамева, Павлина Црвенковска, Селим Адеми, Тања Чачарова Илиевска и на Миљазим Мустафа, донесе и заклучоци со кои се констатира дека петтемина членови го губат легитимитетот да учествуваат и да одлучуваат во работата на Советот.

– Очекувам најмалку морална одговорност и да ги напуштат позициите што ги имаат заробено, зашто јасно кажаа парламентарците, тие што ги избрале дека го изгубија целиот кредибилитет, дека тие немаат никаков легитимитет да бидат на тие места каде што се. Впрочем тие тоа го докажуваат со изборот на партискиот врховен судија којшто доаѓа од ДУИ, кој е вршител на должност. Со еден збор последниот штит кој е во одбрана на поранешната владина коалиција СДСМ-ДУИ се неколкумина обвинители и судии – рече Мицкоски.
Секојдневна жестока кампања
Заклучоците што ги изгласа Собранието, освен до претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, ќе ги добијат и Судскиот совет и собраниската Комисија за избори и именувања.

– Судскиот совет треба во најбрзо време дописот од Собранието да го стави на дневен ред, а дали ќе го прифатат или отфрлат е нивна работа. Нелогично е при изгласана недоверба тие да продолжат со работа, да носат одлуки. Во најмала рака петтемина треба да се изземат од одлучување. Во спротивно, ако Советот не расправа за колегите, петтемина по име и презиме ќе се соочат со секојдневна жестока кампања. Ако и претседателот Камбовски се оглуши и него ќе го ставиме на тапет – вели за „Слободен печат“ висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ.
Ова јавно го побара заменик-министерот за правда Ален Деребан.
– Изгласаната интерпелација значи дека тие немаат легитимитет да учествуваат, а уште помалку да одлучуваат во рамките на Советот. Судскиот совет мора да ја разгледа оваа интерпелација. Да закаже итна вонредна седница по однос на истото, а од нив очекувам да поднесат неотповикливи оставки. Прво, треба да разјасниме дека тие пет члена не се судии, туку се носители на јавни функции на кои се избрани од Собранието – вели Деребан.
Од одбраната на Дамева пред пратениците, како и од писмените одговори на нејзините колеги, јасно е дека и по изгласаните интерпелации тие немаат намера сами да поднесат оставки. Според ова, од потегот на Камбовски ќе зависат и идните чекори на власта за членовите на Советот на кои им беше изгласана недоверба.
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, смета дека тоа што СДСМ и ДУИ не гласале за интерпелациите за Судскиот совет е доказ за тоа чии инсталации се петтемина членови.

– Инсталациите на СДСМ и на ДУИ во Судскиот совет одлучиле дека најдобриот избор за в.д. претседател на Врховниот суд е Џемали Саити – судија кој има тесни врски со раководството на ДУИ. Ова покажува дека борбата за реформи во правосудството ќе биде тешка, а инсталациите на СДСМ и на ДУИ ќе направат сè за да остане „како досега“. Затоа потребна е и поддршка од јавноста, меѓу другото и за поддршка на интерпелацијата како уставен принцип преку кој Собранието им изгласа недоверба на петте членови на Судскиот совет. По оваа недоверба треба да биде јасно дека тие лица веќе немаат демократски легитимитет да учествуваат во работата и во одлучувањето на Судскиот совет – смета Милошоски.
Според него, прво треба да се промовира принципот дека уставниот механизам за интерпелација е демократска алатка за борба против непрофесионалното работење на одредени членови на Судскиот совет, како избрани функционери. Нивните оставки се единствениот демократски потег што им стои на располагање.
Противудар од ДУИ
Во Собранието, пак, противудар подготвува опозициската ДУИ по најавата дека ќе поднесат интерпелации за уставните судии. Пратеникот на ДУИ, Илир Хасани, вчера тоа го најави на седницата за интерпелации на членовите на Судскиот совет.

– Ќе поднесеме интерпелација за судиите на Уставен суд, оти допираат таму каде што не треба, во јазикот, духот и срцето на државата во правичната застапеност – рече Хасани.
Неофицијално, интегративците интерпелациите ги токмат пред подготвителната седница на Уставниот суд за Законот за јазиците, која е закажана за 20 март.
Најавата на ДУИ за интерпелации за уставните судии премиерот Мицкоски ја толкува како страв од разоткривање на криминалите на интегративците.
– Не очекувам криза. Очекувам заканите од ДУИ да продолжат со несмален интензитет. Тие се оние кои не се навикнати да бидат во опозиција, гледате кога малку се во опозиција има одговорност и излегуваат на површина сите активности за кои постои основано сомневање, а кои се поврзани со криминал и криминалци да ги дознае и македонската јавност. Затоа се тие исплашени, ним најмалку им е дојдено до јазикот и до уставните судии. Тие се исплашени за криминално стекнатиот капитал и за основаните сомневања за криминалот што се случувал во изминатите години, бидејќи на оној дивјачки криминален начин како што го сменија Кривичниот законик, за жал се амнестираа од криминалот од минатото и за жал ние ништо не можеме. Дури и иницијативата што сега ја започнаа пред нивните уставни судии, дури и Уставниот суд да рече дека ќе падне тој Кривичен законик, тие сепак се амнестирани за криминалите што ги правеа пред четири, пет, шест години. Најмалку станува збор за какви било права, тие се исплашени за своите хациенди, за скапите луксузни возила, за трговските центри, за дуќаните – рече Мицкоски.


