Власта и опозицијата се договорија да се формира работна група

Собраниска седница / Фото: Слободен Печат - Драган Митрески

Францускиот предлог иако беше најавено, вчера не се најде на усвојување на владината седница, а работната група ќе ја пролонгира и собраниската расправа за францускиот предлог. Според наши извори, Владата нема да брза со усвојување на документот, бидејќи консултациите уште траат и не се исцрпени.

По дводневни интензивни консултации власта и опозицијата се договорија да се формира работна група за францускиот предлог. Иако првично беше најавена како парламентарна група, договорено е во неа, освен пратеници, да учествуваат и министри и партиски функционери. Целта е, ако е можно, власта и опозицијата да ги приближат ставовите за францускиот предлог и во Собранието за документот од Париз да донесат консензуални заклучоци.

Поради ова, како што веќе објави „Слободен печат“, францускиот предлог иако беше најавено, вчера не се најде на усвојување на владината седница, а работната група ќе ја пролонгира и собраниската расправа за францускиот предлог. Според наши извори, Владата нема да брза со усвојување на документот, бидејќи консултациите уште траат и не се исцрпени. Од Владата повторуваат дека ништо што задира или потенцијално задира во идентитетот, образованието, историјата, нема да биде дел од преговарачката рамка.

Предлогот е во работната група да учествуваат по двајца претставници од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, по еден од ДУИ и Алијанса за Албанците и уште еден од помалите парламентарни партии. Неофицијално, како претставници од СДСМ во групата ќе бидат вицепремиерот за евроинтеграции Бијан Маричиќ и координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески.

Формирањето на работната група од завчерашниот протест пред Владата како нов предлог го најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицксоски, а претходно таква група најави и претседателот на ДС Павле Трајанов.

– Позициите на ВМРО-ДПМНЕ и забелешките што ќе бидат дадени во работната група ќе ги одразуваат позициите кои Мицкоски ги соопшти по средбата со Ковачевски. Тогаш изјавата на лидерот беше да се избришат членовите 11 и 14 од протоколот, а потоа во преговарачката рамка каде што имаме принципи врз кои се водат преговорите, да ги избришат членовите каде што се годишните прегледи и делот каде што се повикуваат на протоколот на првата меѓуваладина конференција. Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде во насока на заштита на идентитетот, јазикот, но и оттргнување од бугарските мегаломански барања врзани со негирање на историјата – брифираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Собраниски извори велат дека од текот и исходот на работата на работната група ќе зависи и кога претседателот на Собранието Талат Џафери ќе ја закаже седницата за францускиот предлог.

Од СДСМ ја потврдуваат денешната средба, но демантираат дека работната група ќе биде за преговарачката рамка.

Денеска се очекува да биде појасно што ќе работи работната група, бидејќи како што веќе се изјаснија помалите владини партнери ДС, ДОМ и ЛДП, и тие очекуваат промена на францускиот предлог, во спротивно нема да го поддржат. Тие и на средбата со премиерот Ковачевски и со претседателот на државата Стево Пендаровски порачале дека за нив е неприфатливо доколку билатералните прашања врзани за историјата и образованието бидат дел од преговарачкиот процес. Трите партии бараат промени во преговарачката рамка. Францускиот предлог е прифатлив за СДСМ и за НСДП. Францускиот предлог е прифатлив и за Алијанса за Албанците и за Беса.

Вицепремиерот Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи во гостување на Националната телевизија истакнаа дека сите четири забелешки на ВМРО-ДПМНЕ се веќе инкорпорирани во предлогот.

Според СДСМ, предлогот е „добра основа“ и партијата и дава поддршка на Владата да го продолжи процесот на консултации за носење конечна одлука.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот