Владиката Петар остро го нападна колегата од Синодот Јован за изјавите во „Попкаст“ на „Слободен печат“

Митрополитот Преспанско-пелагониски на МПЦ-ОА, Петар, жестоко го нападна неговиот колега од Синодот, митрополитот Крушевско-демирхисарски Јован (Вранишковски), во гостување во поткастот „НатКаст“.

Гостувањето на Петар е директно мотивирано од интервјуто на Јован во „Попкаст“ на „Слободен Печат“, каде тој најави дека пред Синодот на МПЦ-ОА ќе го отвори прашањето за нефункционалноста на епархиите што ги добија владиците од поранешната ПОА, кога се вратија во МПЦ-ОА.

Владиката Петар откри дека не е задоволен и од тоа што Јован, според него, неправедно си припишувал заслуги за признавањето на автокефалноста на македонската црква.

„Секогаш се фали дека тој многу бил заслужен за автокефалноста на МПЦ. Па ние сите понижувања што ги добивме од СПЦ беше негово дело. Сите понижувањеа беа на негово инсистирање. Тој, ако некој има најмногу заслуги што нам ни е сменето името на државата, знамето, тоа е негова заслуга и заслуга на ПОА. Тие никаде немаа едно М. Затоа беа примани во сите цркви, затоа што требаше да се смени името. Тоа што имаме спор со Цариградската патријаршија околу името и она што мораме да го кажуваме за државата, тоа е негово масло, заслуга на ПОА“, рече Петар.

Петар тврди дека Јован ги довел во заблуда владиците на СПЦ и ги лажел дека народот во Македонија е со него. Според владиката Петар, кога тој се ангажирал, на СПЦ ѝ станало јасно дека била излажана од Јован и така се дошло до решение за автокефалноста.

Петар во нападите кон Јован зборуваше за историските настани од времето кога тој беше митрополит на МПЦ во Штип и во Велес. Тој го нарече Јован „материјалист“ и „растурач на црквата“.

„Мене ми е жал што тоа се случи сега. Ако тој не излезеше со вакви некои изјави и да бара дека тие епархии биле нефукционални, а добиле преку леб погача, немаше да излезам да дискутирам ако тој не излеше да каже невистини. Се додека и во црквата има неказнивост, се додека кај нас има расчинети свештеници и свештено монаси, кои ја напуштиле службата, а не се расчинети, а некои од нив се омажени, оженети, ние не личиме на црква. Како што во државата се бара да профункционира правниот систем така треба да биде и во црквата за да бидеме автокефална црква“, рече митрополитот Петар.

Попкаст со Мартин Богатиноски ЕП01 | Митрополит Јован: Мајка ми „шверцуваше“ причест во затворот, во една ќелија бевме 40 затвореници

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот