ВИДЕО | „Владата во Србија не се грижи за пораките од Брисел“: Телевизиите Нова и Спорт Клуб добија нови директори
На почетокот на оваа година претседателот на Србија речиси пророчки најави дека ноември ќе биде критичен за вработените во „Јунајтед Медиа“, коментира Нова.рс.
Српските телевизии Нова и Спорт Клуб, односно нивната компанија „Јунајтед Медиа Продакшн“ (УМПД), од денеска имаат тројца нови директори: Владица Тинтор, Гибер Шроен и Тим Пенингтон, пишува порталот Нова.рс.
Препорачано
Нови директори беа назначени да раководат со други субјекти во рамките на „Јунајтед Груп“ во Србија.
Според податоците од Агенцијата за деловни регистри, тие се новите законски претставници на УМПД, покрај досегашниот директор на компанијата, Немања Симеуновиќ.
„Интересно е што овие промени кај правните застапници се случуваат на денот кога претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, е во посета на Србија. Патем, на средбата со претседателот Вучиќ, фон дер Лајен се осврна на слободата на собирање како едно од основните права во рамките на ЕУ, а на средбата со невладиниот сектор, особено, на слободата на медиумите“, објави Нова.
Според медиумот, на почетокот на оваа година, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, речиси пророчки најавил дека ноември ќе биде критичен за вработените во „Јунајтед Медиа“.
„Денес, веројатно е јасно дека доаѓањето на тројца нови директори е реализација на планот што произлезе од договорот меѓу Александар Вучиќ и мнозинскиот сопственик на „Јунајтед Груп“, Никос Статопулос“, коментира телевизија Нова.
„Владата во Србија не се грижи за пораките од Брисел. Напротив, се чини дека свесно ја демонстрира својата моќ“, оцени Маја Стојановиќ од Граѓански иницијативи за новите директори на „Јунајтед Груп“.
Инаку уште во август цунами од реакции предизвикаа истражувачките медиуми „Крик“ и OCCRP кои објавија телефонски разговор за кој тврдат дека е доказ за заговор за ослабнување на критичките српски медиуми на групацијата „Јунајтед Груп“. Во телефонскиот разговор се споменува дека наводно промената на директорката на „Јунајтед Груп“ ја барал лично претседателот на Србија Александар Вучиќ.
Вучиќ тогаш тоа го демантираше.
Истражувачките медиуми објавија аудио снимка од телефонски разговор меѓу Стен Милер, генерален директор на „Јунајтед Груп“ и Владимир Лучиќ, кој е директор на „Телеком Србија“ и близок соработник на претседателот Александар Вучиќ.
Од овој разговор меѓу Лучиќ и Милер произлегоа бројни обвинувања за тоа дека наводно претседателот на Србија барал да се смени една од клучните личности во компанијата „Јунајтед Медија“ – Александра Суботиќ, под чие управување работат медиумите N1, Нова С, Данас и Радар.
Во телефонскиот разговор, кој летови предизвика жестоки реакции во Србија и кои се надополнија на антивладините демонстрации што со месеци се одвиваат во Белград и останатите градови, Милер му објаснува на Лучиќ дека пред смената на Суботиќ мора прво да ја ослабне компанијата која што самиот ја предводи.


