Владата владее со Собранието, а пратениците ги бранат личните интереси – перцепција на граѓаните за институциите
Владата има поголемо влијание врз Собранието отколку што Собранието има ефективна контрола врз извршната власт, а пратениците ги застапуваат сопствените и партиските интереси наместо интересите на граѓаните.
Препорачано
Ова е перцепцијата на граѓаните што ја оцениле работата на Собранието со просечна оценка 2.7 на скалата од еден до пет во анализата на јавното мислење „Поглед на Собрание: Перцепциите на граѓаните за работата на Собранието на Република Северна Македонија (2026)“, објавена од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) во рамките на Програмата за парламентарна поддршка (ПСП).“
Анализата ги прикажува ставовите на граѓаните за работата на Собранието, неговата отвореност, надзорната улога, квалитетот на парламентарната дебата и довербата во институцијата.
Најзапаметена расправа во Собранието лани е надзорната расправа во Постојаната анкетна комисија за заштита на човековите права и слободи за трагедијата во Кочани во која загинаа 63 млади луѓе.
На прашањето: „По што ќе ја паметите 2025 година во Собранието?“, најголем дел од испитаниците односно 31 процент ја посочиле оваа надзорна расправа.
Надзорната расправа за Кочани најмногу се памти
Фактот што токму оваа надзорна расправа е убедливо најчесто споменувана покажува дека граѓаните ја следеле работата на Собранието во однос на ова прашање и ја препознале како еден од неговите највидливи моменти во 2025 година. Граѓаните, всушност, ја оцениле со единица надзорната расправа за кочанската трагедија, на која присуствуваа дел од родителите на загинатите, кои го критикуваа односот на власта, но и на Собранието кон трагедијата што ја одбележа поновата историја на Македонија.
Коцевски: Истрагата за пожарот во Кочани е завршена, од утре почнува увидот на одбраната во доказите
„Граѓаните што дадоа конкретен одговор, беа дополнително прашани во однос на нивната перцепција за тоа колку се задоволни од тоа како Собранието ја исполни својата функција во тој конкретен случај. Овде може да се забележи дека перцепцијата се разликува во зависност од темата, но кај дел од највидливите случаи преовладува умерено или ниско задоволство. Најизразено незадоволство се забележува кај надзорната расправа во Постојаната анкетна комисија за заштита на човековите права и слободи во однос на трагедијата во Кочани, каде што 42 отсто од испитаниците дале оцена 1, што упатува на критичка перцепција за постапувањето на Собранието во овој случај“, се вели во истражувањето.

По надзорната расправа во следуваат расправата за Предлог-буџетот за 2026 година, спомената од 25 проценти од испитаниците, јавната расправа на тема „Заштита на децата и младите од штетните влијанија и последиците од пушењето“, наведена од 15 отсто од граѓаните, интерпелацијата на Панче Тошковски од 14 отсто, расправата во однос на извештајот на Европската комисија за Република Северна Македонија од 13 отсто, додека Предлог за изменување и дополнување на Буџетот за 2025 година и Предлог-законот за Судски совет, беа споменати од по 12 проценти од испитаниците.
Битиќи ја нарече Димитриеска – Кочоска фејсбук-инфлуенсерка во обид
„Овие одговори укажуваат дека јавноста од работата на овој пратенички состав, најмногу памети теми што се директно поврзани со работата на власта и финансиите, односно процесите за барање одговорност од извршната власт и донесувањето на буџетот, кои се клучни елементи во функционирањето на демократскиот систем“, се вели во истражувањето.
Во однос на перцепцијата на граѓаните дека Владата има поголема контрола врз Собранието отколку што Собранието ја контролира Владата според својата уставна надлежност, 21 процент од испитаниците сметаат дека Владата го контролира Собранието, наместо обратно.
„На скала од 1, што значи дека Владата има целосна контрола врз Собранието, до 7, што значи дека Собранието има целосна контрола врз Владата, најголем дел од испитаниците се позиционираат кон пониските вредности на скалата. Така, 21 процент, сметаат дека Владата има целосна контрола врз Собранието, а дополнителни 11 процент се определиле за оцената 2. Наспроти тоа, само 3 проценти од испитаниците сметаат дека Собранието има целосна контрола врз Владата, а 4 отсто ја избрале оцената 6. Најчесто избран одговор е оцената 4, која ја посочиле 30 проценти од граѓаните, што упатува на тоа дека значителен дел од граѓаните не перципираат јасна доминација на една од двете институции, иако распределбата на одговорите и натаму е повеќе наклонета кон перцепција дека Владата има поголемо влијание. Во споредба со претходните две години, не се забележуваат поголеми промени во ставовите на граѓаните, што упатува на релативно стабилна перцепција дека Собранието сè уште не се доживува како институција што има посилна контрола врз извршната власт“, пишува во истражувањето.

Личните, пред интересите на граѓаните
Вкупно 74 отсто од испитаните граѓани сметаат дека пратениците во Собранието секогаш ги застапуваат своите лични интереси, додека 66 проценти го посочиле интересот на потесниот круг на партиското раководство. Повеќе од половина, 56 проценти од испитаниците ја избрале бизнис-заедницата како најзастапувана од пратениците, додека перцепцијата на само 9 отсто од испитаниците е дека пратениците ги застапуваат интересите на сите граѓани, што претставува зголемување од 3 проценти споредбено со минатата година.

Ваквите одговори, како што пишува во истражувањето, укажуваат на перцепција кај граѓаните дека застапувањето на јавниот интерес од страна на пратениците е релативно маргинализиран за сметка на други приоритетни интереси.
Граѓаните дури и не ги знаат пратениците од нивните избирачки единици. На испитаниците им биле читани имиња на пратеници и пратенички избрани од нивната изборна единица, за тие да кажат кој е нивниот избран претставник во Собранието, но дури 61 отсто не знаеле.
Половина од испитаниците (51 проценти) рекле дека животот во државата се движи во погрешна насока, додека повеќе од една четвртина од испитаниците (28 проценти) сметаат дека животот се движи во правилна насока.
Довербата во инстититуциите, оваа година нема поголеми поместувања во однос на претходната година, па така верските заедници и војската имаат највисока доверба, потоа следува полицијата, медиумите.
На скала од 1 – најниско до 10 – највисоко, довербата на граѓаните во Собранието е 4,8, во Владата е 4,7, а во Претседателот на државата е 4,9.
Раст, иако умерен, има и кај судството и јавното обвинителство, кои во 2026 година се оценети со 3,5 и 3,6. Растот е умерен, но е повисок од фамозните 2 отсто за правосудството.


