Судски совет / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Владата сама си избрала претставник од граѓанскиот сектор што ќе го избира новиот член на Судски совет

Владата, заобиколувајќи го Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, номинирала претставник од граѓанските организации кој ќе биде дел од работната која ќе ја врши првичната јавна селекција за член на Судскиот совет, на местото на Селим Адеми, од редот на истакнатите правници.

Интерпелации на членови на Судски совет – Весна Дамева прва на удар во Собрание

Со ова се создава опасен преседан Владата дискреционо да одлучува кој ќе ги претставува граѓанските организации, предупредуваат од Блупринт групата за реформи во правосудството која реагира за постапката на владата.

– Согласно одредбите од новиот Закон за Судскиот совет постапката за избор на членови на Советот кои ги избира Собранието започнува со објавување јавен оглас, по што Комисијата за прашања на изборите и именувањата формира работна група за прелиминарна селекција. Законот јасно предвидува дека еден член на оваа работна група треба да биде предложен од граѓанскиот сектор од областа на владеењето на правото и правосудството, преку Советот за соработка меѓу Владата на РСМ и граѓанското општество, како единствено законски надлежно тело за таа намена. Сепак, во конкретниот случај, дописот од Собранието иако бил уредно доставен до Владата на Република Северна Македонија, во рамки на внатрешната распределба не бил проследен до Советот за соработка, туку до Кабинетот на претседателот на Владата, од каде што е извршена номинација на претставник. Ваквата постапка не е предвидена со новиот Закон за Судскиот совет и претставува директно заобиколување на законски утврдениот механизам за вклучување на граѓанските организации – се вели во нивната реакција.

Овој потег на Владата следува откако во декември беше донесен новиот Закон за судски совет, и со него се проблематизира усогласеноста на постапката со законските одредби и не се почитува Деловникот на Советот за соработка, но се создава и преседан спротивно на новиот Закон кој требаше да ги реши недостатоците.

-Доколку не биде постапено согласно законските одредби, може да настанат сериозни импликации врз владеењето на правото, улогата на Советот за соработка и кредибилитетот на новите законски решенија кои предвидуваат вклученост на граѓанските организации. Почитувањето на законите и утврдените постапки мора да биде единствен императив доколку навистина се стремиме кон независен, професионален и кредибилен судски систем. Довербата во правната држава се гради преку доследни и транспарентни постапки, особено кога се однесуваат на највисоките функции во правосудството – се додава во реакцијата.

На местото на Адеми во декември беше избран Аљбан Кадриу, предлог на коалициониот владин партнер Вреди кој работел во тетовската полиција. Сепак овој предлог беше повлечен и новиот член од редот на правниците ќе се бира според новиот Закон за судски совет и прв пат ќе се бира член јавно, како што прв пат тоа беше со минатиот состав на Државната комисијата за спречување на комисијата.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот