Владата ја издаде еврообврзницата која пропадна во февруари, се задолживме за 600 милиони евра

Аукцијата за издавање на деветтата еврообврзница што се одржуваше денеска помина успешно, со четирипати повисок интерес од инвеститорите во однос на понудата, соопшти попладнево Министерството за финансии.

Преку аукцијата властите обезбедија 500 милиони евра по купонска камата од 6,96 проценти, додека дополнително 100 милиони евра се обезбедуваат од инструментот за макрофинансиска поддршка на Европската Комисија по каматна стапка од приближно три проценти, велат од МФ.

Ова, појаснуваат од министерството, значи дека рефинансирањето на еврообврзницата од 2016 година и другите отплати на претходни задолжувања, кои достасуваат и за кои беа наменети овие средства, ќе се изврши според исти каматни трошоци постигнати со претходната аукција, која пропадна поради бирократски превид.

Остатокот од средствата планиран за буџетските потреби за 2023 година се обезбедува преку поволни заеми од меѓународни финансиски институции, односно Меѓународниот монетарен фонд, Светска банка и др., со пониска камата, кои во исто време, според МФ, ќе бидат поддршка за политиките што се спроведуваат, а кои на среден и долг рок ќе придонесат за поголем раст.

Еврообврзницата требаше да биде издадена минатиот месец, но тоа пропадна откако немаше кој да ја потпише. Дотогашниот министер за правда, откако Никола Тупанчески, чиј потпис на задолжувањето е неопходен според законските процедури, во тој момент веќе имаше поднесено оставка од функцијата министер за правда, а неговиот заменик Агим Нухиу беше разрешен и чекаше да биде назначен за заменик-министер за образование и наука.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот