Визуелен говор на потсвесните човекови состојби е претставен на изложбата „Визуелни спознанија“
По повод Светскиот ден на менталното здравје во фоајето на Домот на култура „Илинден“ во Демир Хисар на 10 октомври беше прикажана ликовната изложба „Визуелни спознанија“.
– „Визуелни спознанија“ е серија на ликовни дела кои содржат интимни приказни на самите автори. Сликите се визуелен говор на потсвесните емотивни и психолошки состојби на учесниците и истите во голема мера се од големо значење во областа на спонтаното творештво и артбрут уметноста – објаснува Јасмина Котевска од Центарот за креативни индустрии „Небо“, Суводол.
Изложбата е резултат на сликарската работилница одржана во Психијатриската болница оваа година, под менторство на уметникот Тони Попов и Центарот за креативни индустрии „Небо“, а финансиски е поддржана од Министерството за култура преку програмата проекти од национален интерес во културата за 2024 година.
Од 2018 година, Центарот за креативни индустрии „Небо“ активно работи на темата ментално здравје и преку своите активности во соработка со Психијатриската болница во Демир Хисар се залага за подигнување на свеста за важноста на менталнтото здравје и разбивање на стигмите околу менталните болести.
Сликарските работилници организирани од страна на ЦКИ „Небо“ имаат терапевтска функиција, чија што цел е увид во психолошко-емоционалните состојби, кои за време на креативното творештво визуелно се пресликуваат и стануваат одраз на сите потсвесни состојби со кои човекот секојдневно се соочува.