ВИДЕОИНТЕВЈУ | Ѓорѓиевска: Над 15 отсто од паровите имаат проблем со неплодност
Околу 15 отсто од сите парови во светот имаат проблем со неплодност. Четириесет отсто од нив имаат проблем со таканаречена женска неплодност, а 40 проценти поради проблем кај машката популација. Дваесет отсто е недокажана или необјаснива неплодност. Околу неплодноста, како и за новите методи коишто овозможуваат паровите да добијат дете и ин витро фертилизација, зборуваме со Марија Ѓорѓиевска, ембриолог од приватната болница „Аџибадем Систина“.
Препорачано
Ин витро фертилизација е метод на биолошко потпомогнато оплодување што дава надеж на илјадници парови кои без него не би можеле да имаат потомство.
-Самиот збор „потпомогнато оплодување“ укажува дека на природниот циклус му е потребна помала или поголема стручна медицинска помош. Кога природата ги ограничува природните биолошки предуслови за успешна бременост, тогаш улогата ја презема стручен медицински тим којшто заедно со пациентите, со нивната доверба, со нивната соработка, го комплетира процесот – вели Ѓорѓиевска.
Таа објаснува дека доколку еден пар за една година не успее по природен пат да добие потомство, треба да побара стручна помош. Првиот контакт пациентите го прават со доктор, специјалист по хумана репродукција, кој преку информативен разговор назначува одредени анализи, најчесто тоа се основните, како што е спермограм кај мажот, кај жената се прави ултразвук, хормонален статус.
-Следи прецизна, индивидуална стимулација кај жената, протокол што е приспособен за самата индивидуа. Возраста е еден од најзначајните фактори поради тоа што за возраста нема лек. Колку сме повозрасни, толку квалитетот опаѓа. Дури 70% од јајце клетките кај жените над 40 годишна возраст се абнормални. Затоа јас ги охрабрувам пациентките, оние кои се во процедура или планираат, да бидат свесни и реални, бидејќи секој циклус е непредвидлив – вели Ѓорѓиевска.

Таа објаснува дека паровите не треба да очекуваат успех во првиот обид бидејќи тој е дијагностички. Вториот обид е оптимизирачки и успехот и шансите се поголеми. Ѓорѓевска вели дека за жал, сè повеќе има млади пациентки бидејќи квалитетот на јајце клетките опаѓа.
-Ова е поради надворешни фактори како загаден воздух, стрес, помалку сон, нездрава исхрана. Поради тоа, јас би им препорачала на пациентките и тие што се помлади на некој начин, да направат рана процена на плодност. На оние коишто се во репродуктивниот период, иако не планираат потомство, да замрзнат јајце клетки или сперматозоиди за во иднина, доколку им е потребно да можат на полесен начин да ја остварат својата цел – вели ембриологот.
Во однос на возраста вели дека највозрасната пациентка која станала мајка е на околу 50 години со донирана јајце клетка. Вели дека функцијата на ембриологот е клучна кај ИВФ. Тој го одредува квалитетот на земените јајце клетки, тие се оплодуваат и заедно со докторот се враќаат во матката на жената.
– Во матката најчесто се враќаат два ембриона, доколку пациентката има индикација за да се врати еден ембрион, тогаш во договор со докторот враќаме еден. Останатите, доколку се со добар квалитет, може да се замрзнат, за пациентката да има за втор обид доколку е неуспешен првиот. Од една до друга ин витро фертилизација треба да поминат најмалку 6 месеци – вели Ѓорѓиевска.
Пациентките кои се повозрасни се упатуваат во процесот на донорска програма и тука може да се купат јајце клетки, ембриони, сперматозоиди.

-Пациентките ги прифаќа одговорно лице кое им ја објаснува целата процедура, бидејќи не само што е потребна одредена документација за тоа да помине во Министерството за здравство, да добиеме согласност бидејќи сето тоа е легално, потребно е да се направи изборот на донатор. Најчесто пациентите го прават преку фенотипските карактеристики, им даваме одредени профили, боја на коса, очи, висина, тежина, образување, имаат генетско стебло, имаат доста податоци – вели ембриологот.
Им препорачува на пациентите да бидат истрајни во процесот бидејќи само на тој начин може да се остварат многу соништа и желби кај пациентите.
– На сите на крајот од патеката им посакувам по едно здраво бебенце во Новата година – вели Ѓорѓиевска.


