ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Зарина Првасевда: „Музиката гради мостови меѓу народите“
Во пресрет на „Предновогодишна кадифена магија“, концертот што ќе се одржи на 20 декември во Македонската филхармонија, разговаравме со Зарина Првасевда за музиката како тивка утеха, за длабоката и искрена конекција што ја гради со публиката, како и за возбудливата соработка со Џенк Ердоган и Ахмет Алан, кои доаѓаат од Турција и за првпат ќе настапат во Македонија. Во инспиративен и опуштен разговор, Зарина ни откри како настанува концерт што не е само настап, туку доживување, кадифено, топло, интимно и исполнето со магија што останува долго и по последниот отсвирен тон.
Препорачано
Зарина зборуваше за инспирацијата зад „Предновогодишната кадифена магија“ и за тоа како концертот станува простор за споделување на топла, мека енергија што им овозможува на луѓето да заборават на тешките моменти и да се препуштат на убавината на музиката.
– На 20 декември, во Македонската филхармонија, сакав да создадам место каде љубителите на музиката ќе се соберат и ќе си подаруваат топла, кадифена енергија. Во такви моменти можеме да ги оставиме настрана тешките и лошите работи од изминатата година и да се препуштиме на музиката – да се испразниме од она што не ни служи и да се наполниме со убава, мека енергија. Можеби така ќе понесеме некакви искри за следната година – вели Зарина.
Како што самата вели, таа на музиката гледа како мост меѓу народите и од таму возбудата што ја чувствува кога споделува сцена со врвни уметници од други култури. Таа открива колку за неа е важно публиката да ја отвори душата за нови искуства и да ја почувствува врската помеѓу традициите.
– Сметам дека музиката гради мостови меѓу народите, особено затоа што традиционалната музика на Балканот е неразделиво поврзана. Колку повеќе споделуваме, толку подобро се поврзуваме едни со други и создававме убавина и за оние кои слушаат – тоа ми беше идејата. Првиот пат кога имав можност да музицирам со овие музичари, почувствував голема возбуда, бидејќи знаев дека се многу сериозни професионалци. Веднаш знаев дека сакав да ги поканам во тука, бидејќи знаев дека Македонија има уво и срце за убави нешта и дека ќе ги пречека како што доликува. Сакав да им покажам дека Македонците знаат да почитуваат и ценат традиционална музика и се отворени за нови уметнички искуства. Џенк и Ахмет беа многу изненадени и среќни, бидејќи првпат доаѓаат во Македонија – вели Зарина.
Таа зборуваше и за важноста на приказната и пораката зад секој концерт. За неа музиката не е само настап, туку универзален јазик кој ги поврзува луѓето и културите и создава волшебни моменти како за уметниците на сцена, така и за публиката.
– За сите мои концерти ми е многу важно да постои приказна и порака зад тоа што го правам. Во овој случај, приказната е дека традиционалната македонска музика е неразделиво поврзана со турската традиционална музика и со балканската музика генерално. Пораката е дека музиката е универзален јазик, артисти од целиот свет можат да се соединат во неколку ноти, создавајќи волшебни моменти кои ги исполнуваат срцата на уметниците на сцена, но и им овозможуваат на публиката да ги почувствува тие исти емоции – заклучи Зарина.


