ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Виктор Јаневски со нова самостојна изложба „Небесогорие“: Под ова небо сè уште има надеж за младите уметници
Во пресрет на отворањето на неговата најнова самостојна изложба „Небесогорие“, која ќе биде отворена во 19:30 часот во бифе „Тафталиџе“, за „Слободен печат“ разговаравме со ликовниот уметник Виктор Јаневски, кој зборуваше за концептот зад изложбата, за неговиот интерес кон небото и светлината како постојани ликовни мотиви, како и за експерименталниот пристап во неговото сликарство, во кое колоритот и состојбата на моментот играат клучна улога.
Препорачано
Виктор Јаневски е роден во 1994 година во Скопје. Средното уметничко образование го завршува во „Лазар Личеноски“ во Скопје, а своите студии ги продолжува на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Дипломира на катедрата по вајарство кај проф. Жарко Башески, а подоцна магистрира на катедрата по сликарство кај проф. Жанета Вангели. Зад себе има реализирано пет самостојни изложби и учествувано на повеќе групни изложби, градејќи авторски израз кој се движи меѓу истражувањето на материјалот, бојата и визуелната состојба на просторот.
Кога зборувавме за името на изложбата „Небесогорие“ и неговата поврзаност со тематиката што ја работи, Јаневски објаснува дека:
– Тоа е архаичен, старословенски збор што се однесува на „небесна светлина“. Од тоа што можев да го разберам, се користи како еден од термините за небесна светлина и „небесогорие“. Имало и други варијанти, но ова ми звучи најубаво, највпечатливо, најпоетично, би рекол.
Кога станува збор за самата темата на изложбата и дали небото било главна инспирација, тој дополнува:
– Да, небо и различни форми на светлина на небото, од различни позиции, различна светлина, различна боја на светлината. Тоа ми е темата. Самото небо, дури и кога е малку почисто, кога нема доволно светлина, јас и тој момент го обработувам, таа состојба на небото. Тоа е присутно и во делата. Не е буквално само чисто небо, или чист облак, или чиста светлина, туку е претставена таа состојба на сликата.
Во однос на тоа колку колоритот е важен во неговата работа, Јаневски истакнува:
– Да, колоритот ми беше најважен. Има и црно-бели ситуации, има и поколоритни, поразиграни и поразновидни композиции. Склон сум кон експериментирање во сликарството. Немам серијал во една насока, на пример реализам, па да направам десетина реалистични сцени, туку мене ми се разиграни стиловите, така што јас играм многу со стиловите.
Разговарајќи за тоа колку е изводливо во Македонија да се биде ликовен уметник и да се живее од тоа, тој посочува дека:
– Не само во Македонија, туку и на Балканот е потешко да си самостоен уметник. Треба да имаш многу конекции, особено со надворешната публика, што не е од тука. Така многу повеќе ќе се најде простор за самостојност како уметник. Тоа не значи дека и во Македонија е тешко да се биде уметник, но треба да ги најдеш вистинските луѓе за соработка, за да можеш полесно да соработуваш. Би било брутално да кажам дека воопшто нема шанси за успех. Тоа е најлесно да се каже. Истовремено, не може да се каже ни дека е прелесно. Треба само да се најдат вистинските луѓе. Штета е што во Македонија нема мецени. Да имаше мецени, како што има во Западна Европа, САД или Русија, работите би биле многу полесни. Традиционално таму постои таква култура, а кај нас тој пристап недостасува.
На прашањето дали го нашол своето место меѓу уметниците во Македонија, Јаневски вели:
– Мислам дека сè уште се барам, секој човек се бара. Не можеш веднаш да го најдеш своето место, особено кога си уметник. Јас сè уште истражувам, уметност сè уште не ми е дефинирана. Можеби подоцна ќе се пронајдам официјално, но сега сè уште не сум целосно пронајден. Се надевам дека наскоро ќе се најдам во она што најмногу го сакам. Инаку, за младите уметници морам да кажам дека ги има. Секоја година, кога одам на годишната изложба во средното уметничко училиште во јуни, гледам феноменални уметници, потенцијали кои навистина „растураат“. Секоја година сум воодушевен. Тоа влева надеж, дека има, но и дека ќе има и понатаму уметници кои ќе си го пронајдат своето место под ова небо.


