ВИДЕОИНТЕРВЈУ | „Твоја приказна, наша поддршка“ – кампања за ментално здравје кај средношколци на „Младите можат“

Филип Ифковски / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Адолесцентите и средношколците се доволно возрасни за да ја разберат важноста за нега на менталното здравје, но истовремено и доволно незрели за да препознаат емоционален предизвик. Анксиозноста, депресијата, отфленоста, стравот, стигмата кај младите понекогаш доведуваат и до фатален крај. Започна кампањата „Твоја приказна, наша поддршка“ на граѓанската организација „Младите можат“ за менталното здравје кај средношколците.

Десет училишта кои доброволно ќе се пријават на повикот, во текот на учебната година ќе ја имплементираат програмата, објаснува за „Слободен печат“, Филип Ивковски, програмски координатор на „Младите можат“.

– Програмата за менталното здравје на учениците ќе им ја пренесуваат класните раководители. Тие ќе треба да направат план на кој начин ќе ги одржуваат одделенските часови, согласно на содржини од информативно-воспитна природа, зборувам за оној педагошки момент. Ако досега класниот час беше сведен на дискусија за оценки, оправдани и неоправдани, отсутни и сл. отсега тие 45 минути ќе добие поинаква димензија со цел да се насочат кон поттикнување на развој кај младите. Да нагласам не се работи за теорија, децата нема да изучуваат дефиниции за тоа што е ментално здравје на што сме навикнати во редовното образование, туку преку практични вежби, дискусии, интерактивни работилници со цел да се направи исчекор во подигнување на свеста – вели Ивковски.

Со оглед на тоа што не секој класен раководител е наставник од областа на психологија и психијатрија, додава Ивковски, содржината која треба да ја пренесат на учениците е адаптирана и може лесно да се снајдат, а акцентот на овие предавања е превенција и основна едукација.

– Веруваме дека нема да наидеме на отпор од училиштата, бидејќи ова нема да биде некоја дополнителна обврска за наставниците. Тие ќе треба да поминат една кратка обука со нас и по тоа ќе сфатат дека се работи за кратки креативни вежби кои ќе помогнат не само индивидуално кај учениците туку и во развивањето на класот како една здрава целина – рече Ивковски.

Според Ивковски со текот на годините се изгуби воспитната компонента на образованието.

– Училиштата се воспитно-образовни институции, но ми се чини како да се заборави на тој дел воспитно. Сè се сведе пренесување на материјалот, фокусот е само на техничко знаење, а не и животното знаење.

Со него се присетивме на тоа како во минатото во училиштата имаше предмет домаќинство, каде што децата учеа да плетат, да готват и слични практични вештини.

– Свесни сме дека постојат и училишта и средини во кои нема психолози, а тие се најважната алка за работење на оваа проблематика. Дополнително во едно училиште има само едне психолог кој физички не може да постигне. Училишниот психолог е бесплатен и лесно достапен до учениците, овде не смееме да го заборавиме фактот дека овие услуги не се финансиски достапни за секој – рече Ивковски.

На темата ментално здравје пред камерата на „Слободен печат“ проговорија и пет средношколци. Сите од нив познаваат некој кој се соочил со емоционални предизвици.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот