ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Трендафилов: Работниците не може да чекаат пет месеци до законскиот раст на минималната плата
Со синдикална потрошувачка кошница од над 60.000 денари и со постојаниот раст на цените, работниците не можат да чекаат дури наредната година да им се усогласи минималната плата, во согласност со законската регулатива, алармира претседателот на ССМ
Во сите земји во регионот минималната плата стана поголема од нашата, а македонски државјани одат да пазарот во Врање и во Косово, што значи дека со цените ги престигнавме, анализира Слободан Трендафилов, претседател на Сојузот на синдикати на Македонија, во видеоинтервју за „Слободен печат“. Тој вели дека „папагалското повторување од Владата и од економистите дека растот на платите ќе ја зголеми инфлацијата е најлесниот начин за да се обвинат работниците и работничките плати“.
Препорачано
– Изгледа дека економистите во Македонија учеле од погрешна книга. Во регионот никој не зборува така. Кај нас најлесно е да се обвинат работниците и работничките плати за инфлацијата, а не функционерските плати – 1.800 функционери се со плати меѓу 2.000 и 3.000 евра што е еквивалент на 60.000-70.000 минимални плати. Тоа е бројка што треба да ги отвори очите. Но, експертите и работодавачите ја повторуваат истата реторика како папагали. Владата ќе каже нешто, а експертите веднаш повторуваат – вели Трендафилов.
Претседателот на ССМ нагласува дека минималните плати во регионот растат и покрај тоа што и таму има слична инфлација.
– Во Србија минималната плата е 500 евра, а од 1 јануари ќе биде 550 евра. Нашите граѓани одат да пазаруваат во Врање – излегува поевтино дури и со расходи за гориво. Во Косово минималната плата од јануари ќе изнесува над 430 евра, а од 1 јуни – 500 евра, а и таму наши сограѓани одат да пазаруваат. Во Босна и Херцеговина е 511 евра, а во Република Српска за висококвалификуваните ќе биде над 740 евра. За Црна Гора и да не зборуваме, веќе е 680 евра за основно и за средно образование, а 800 евра за високо образование – вели Трендафилов.
Тој вели дека со сегашните примања, со синдикална потрошувачка кошница од над 60.000 денари и со постојаниот раст на цените, работниците не можат да чекаат дури наредната година да им се усогласи минималната плата, во согласност со законската регулатива.
– Многу ми е жал што Владата како социјален партнер како да си ги изми рацете и рече: Вие договарајте се, како ќе се договорите, така ќе постапиме. Тоа е како да ги фрли работниците во устата на лавот. Ние имаме закон што мораме да го почитуваме и во согласност со законот, во март наредната година ќе следува само некое зголемување, но јас ќе кажам усогласување, а тоа е за пет месеци од денес! Сметаме дека немаме толку време за чекање како работници, особено ако знаеме дека според податоците на Управата за јавни приходи, 73,3 проценти од работниците во Македонија се со плата под просечната плата, а 33 проценти се со плата под 30.000 денари – вели Трендафилов.
Трендафилов истакнува дека минималната плата е само основна плата и дека тие што ќе ја добијат како таква, се ускратени од законските додатоци што им следуваат.
– Најголемиот дел на пријави за исплата на плата само во висина на минималната плата имаме од агенција за обезбедување, од угостителскиот сектор, од трговијата. Тоа значи дека не им исплатуваат минат труд, прекувремена работа, работа на празник, работа во недела и ден на неделен одмор, односно не им ги даваат додатоците – вели Трендафилов.
Бројот на пријави за неисплатен К-15 опаѓа, но злоупотреби и натаму има. Во приватниот сектор минималниот износ е околу 18.000 денари и Трендафилов потенцира дека мора да им биде исплатен на сите до 31 декември.
– Во фирмите без синдикат, работодавачите ги тераат работниците да потпишат спогодби за откажување од дел од К-15 – практика против која тешко се бориме затоа што наследивме една одредба во Општиот колективен договор од едно поранешно раководство и не можеме да седнеме со работодавачите и да ја смениме. На нив така им одговара – вели Трендафилов.
Тој повикува на што помасовно синдикално организирање на работниците затоа што „силата на работниците е во бројноста, во членството и во излегувањето на улица кога се протестира и се штрајкува“.
Платата во плик се враќа на голема врата
Трендафилов информира дека „платата во плик“ се враќа на голема врата во Македонија.
– Истражувањата на „Фајненс тинк“ и на Меѓународната организација на труд ги потврдија нашите сознанија дека „платата во плик“ се враќа на голема врата во Македонија. Во последните три години, околу 250 милиони евра годишно им недостигаат на фондовите за социјално осигурување поради неплаќање придонеси. За еден мандат – тоа е околу една милијарда евра. Тоа значи дека работодавачите исплаќаат дел од платата во кеш, под маса, а не преку системот. На сметка на тоа, газдите се луксузираат. Државата, пак, алармира дека недостигаат пари во Фондот за пензиско осигурување. Ете ги тие пари – вели Трендафилов.


