ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Теодора Николиќ – барменка: Кога работиш напорно и си посветен, нема значење кој си и што си

Теодора Николиќ - Барменка / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

На македонската угостителска сцена се појави нова ѕвезда – Теодора Николовиќ, која со својата енергија, талент и скромност се пробива во светот на барменството, освојувајќи државни и меѓународни награди. Таа е најмлада победничка на Државното првенство за бармени, а освои и трето место на Светското првенство. Таа за „Слободен печат“ ни го објасни нејзиното патешествие.

Теодора не само што се докажа како извонреден коктел-мајстор, туку и како силна жена која не се плаши да ги руши бариерите во една традиционално „машка“ професија.

– Не сум човек што сака да се експонира, но сепак би сакала да кажам дека сум била на трето место на Светско првенство за бармени. Реално, не мислам дека постои прво или второ или трето место во светот. Ама секако е успех за нашата држава тоа што сум стигнала до третото место. Особено што жена стигнала дотаму, тоа е најдобро – вели Николиќ за „Слободен печат“.

Првиот допир со оваа професија го имала уште на 15 години, кога започнала да работи како келнерка, а брзо се префрлила на шанк, каде што се почувствувала како дома.

– Отсекогаш сакав да работам, да не зависам од моите родители. Иако никогаш не сум имала потреба од пари поради фамилијарната поддршка, мојата желба за финансиска независност беше силна мотивација. Сакав да бидам успешна сама по себе – додава Теодора.

Теодора Николиќ – Барменка / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Таа е дипломиран психолог. Но, во угостителството нашла нешто што потполно ја исполнува – креативност, инспирација и независност.

– Иако завршив психологија, угостителството ми е вистинската професија, а работата како бармен е мојот начин да се изразам и да стигнам до она што го сакам – вели Теодора.

За промената на правецот како коктел-мајстор-бармен, додаде дека има силна поддршка од своето семејство, особено од своите родители кои ѝ ја пренеле љубовта за комбинирање на вкусови и баланс на состојки, бидејќи и двајцата готват извонредно.

Николиќ коктелите кои ги креира се спонтани. Тоа ја прави и посебна, бидејќи користи сопствени сирупи, битери, декорации итн. На прашањето околу развојот на бар-културата во Македонија таа додаде:

– По 10 години работење во мојата професија, имам сфатено дека за да се развива бар-културата во Македонија, треба многу да се работи на тоа.

Како жена во оваа индустрија, со Николиќ разговаравме и за предрасудите со кои честопати се соочуваат жените во угостителството. Сепак, нејзината упорност и посветеност го надминуваат сето тоа, и како што истакнува:

-Кога работиш напорно и си посветен, нема значење кој си и што си. Професионализмот е она што ги руши сите бариери.

Теодора Николиќ / фото; приватна архива
Теодора Николиќ / фото: приватна архива

Николиќ е пример за тоа како една млада девојка може да се пробие во професија која често пати е поврзана со машкиот елемент, а истовремено да остане скромна и фокусирана на својата цел.

– Секогаш следете ја својата страст и верувајте во себе. Ако се трудите, успехот ќе дојде – заклучи таа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот