Соња Мавродиева - Георгиевска и Александар Санев / Фото: Слободен печат, Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Телемедицина – лекување на далечина со кое се спасува живот

Што значи телемедицина, кој сè е вклучен, дали ќе може пациентите да се лекуваат и да се набљудуваат од далечина? Спасува ли животи? Утрово на овие, но и на други прашања одговор во емисијата „Слободен печат“ побаравме од д-р Соња Мавродиева – Георгиевска, специјалист по семејна медицина и Александар Санев, одговорен за напредни деловни решенија во Македонски Телеком.

– Телемедицината е напреден иновативен пристап за обезбедување на здравствена заштита за пациентите, користејќи напредна технологија, уреди, конективност, „клауд“ сервиси, софтвер, сè со цел медицинските податоци што се обезбедуваат од уредите да можат на полезен начин да стигнат до докторите, односно до персоналот кој треба да донесе некаква медицинска одлука – вели Санев.

Докторката вели дека опремата ја има осум недели. Станува збор за опрема што ја сочинува централна станица којашто се наоѓа во нејзината ординација и два пациентски монитори кои ги носат кај пацинетите.

– Предност имаат тешко подвижни, тешко болни пациенти кои имаат повеќе здравствени проблеми и не можат да дојдат на преглед. Двата монитори ги следат виталните параметри, даваат една јасна слика за здравствената состојба на секој мој пациент. Се мери крвен притисок, респирација, кислородна сатурација, пулс, ЕКГ-запис и мери температура – вели Георгиевска.

Соња Мавродиева Георгиевска/Фото: „Слободен печат“/Методи Здравев

Таа објаснува дека на овој начин дознава дали терапијата што ја примаат е соодветна за пациентите.

– Ги следам 4, 6, 8, 12 часа зависно од тоа колку може пациентот да издражи. Меѓутоа, десетина часа се сосема доволни. Навистина, еден холистички пристап е сепак индивидуален за секој еден од нив – вели докторката.

Санев објаснува дека овој систем може да се постави во сите болнички возила од брзата помош.

Александар Санев/Фото: „Слободен печат“/Методи Здравев

– Секако ова истото решение може да се преслика во која било средина во државата. Го тестиравме и во болничко возило. Односно, овие пациентски монитори, технички ги тестиравме во смисла кога ќе ги возиме пациентските монитори, затоа што тоа што ќе треба практично е опремата да премине со покриеност од една базна станица на друга базна станица. Ова значи дека болницата во која е централната единица ги чита податоците и пациентот добива помош во многу кратко време доколку се наручени виталните функции – вели Санев.

Тој објаснува дека на ваков начин се скратува времето и медицинската сестра и докторот кои се возат со самиот пациент во брзата помош, можат да го подготват пациентот за интервенција во болница.
Докторката Георгиевска вели дека на ваков начин се спасуваат животи. Корегирана е терапија за хипертензија. Дел од пациентите се пратени на дополнителни испитувања.

– Следевме многу пациенти, со хронично опструктивна белодробна болест и астма, за која вистина направивме повеќе едукација за користење на инхалаторна терапија. Телемедицината дава изворни резултати во лекување на геријатриски пациенти – вели докторката.

Проектот трае една година, почна од 1 септември годинава.

– Покрај опремата, обезбедуваме оптичко поврзување на централната станица, 5G-4G поврзување на пациентските монитори, одражување на целата таа инфраструктура, изработка на процеси и процедури заедно со докторите и со општина Делчево – вели Санев.

Георгиевска вели дека има можност и другите колеги да се пријават. Сите го гледаат бенефитот од работењето, тоа олеснува многу и навистина помага. Досега се следени над 85 пациенти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот