Стефан Николовски- актер / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Стефан Николовски: Сакав да сум во центарот на вниманието, чувствував магија кога ги смеев луѓето

Стефан Николовски е млад, амбициозен и талентиран актер од Велес, кој за првпат го запознавме преку оригиналните имитации на нашите политичари. Харизматичен и особено природен во својот професионален израз, за брзо време успеа да ги освои симпатиите на македонската публика. Се занимава и со стендап-комедија, а особено е популарен и на социјалните мрежи каде редовно споделува комични видео-клипови. Со него во емисијата „Слободен печат“ зборувавме за неговата кариера од самите почетоци, па сè до последните успеси кои ја одбележаа изминатата година за Стефан.

На Инстаграм го следат повеќе од 100.000 следбеници, што за наши услови е навистина голем успех и показател за тоа дека луѓето го препознале неговиот талент, им се допаѓа тоа што го работи и сакаат да го следат.

– Искрено, не замислував дека толку брзо ќе се случува тоа. Има премногу публика на Инстаграм, веќе и постарите генерации од Фејсбук се префрлаат на Инстаграм и го учат како функционира. Приметувам дека има с повеќе и повеќе публика за разлика од моментот кога сме почнале да креираме нешто таму. Многу е убаво чувството, тоа е поздрав од публиката, кога правиш нешто и таа ти враќа назад, па се трудиш с повеќе и повеќе да работиш за да го надминеш и тоа што веќе си го постигнал – вели Стефан за тоа што го креира на Инстаграм.

Вообичаено талентот на уметниците се препознава уште од мали нозе, па таков бил случајот и со Стефан, кој уживал во вниманието, аплаузите и насмевките од неговите најблиски, кои секогаш знаел да ги анимира со своите имитации.

– Јас бев центарот на вниманието во фамилијата. Уште како дете не ни знаев дека тоа е професија, меѓутоа ме исполнуваше кога ќе се собере целата фамилија, 15-20 луѓе, и ќе застанев во средина, ќе почнав да кажувам, да имитирам глумци, да имитирам филмови. Кога сите се смееја, чувствував некоја магија во мене, некое чувство коешто ти прави, да не престанеш со тоа, да трае уште и уште, затоа што има фидбек. Кога нема фидбек, некако професијата сама ти кажува дека не си за тоа. Меѓутоа, кога има фидбек, тоа е тој момент што нас комичарите ни прави да ни текнуваат работите. Ако публиката прифаќа, ако е расположена и многу се смее, стендапите знаат да траат и по 2-3 часа. Сѐ зависи од тоа каков ќе биде фидбекот, тој „краудворк“ како што го викаме, што сега Тино и Атанас го спроведуваат, тоа е тоа што мене ми се случило на 6 години. Кога сум ја анимирал целата фамилија, некој ќе ми дофрлил нешто, па мене ќе ми текне нешто друго, ќе му вратам и сите ќе се изнасмеат. Подоцна сфатив дека глумата е професија, дека треба да се запишеш на факултет, и на 8-9 години застанав во театар. Долго време водев љубов само со театарот, стендап немав пробано, потоа прв пат пробав стендап кај мој пријател на матурска вечер и така започна сѐ – раскажува Стефан за своите почетоци.

Изминатата година тој соработуваше со двајцата веќе добро познати актери и стендап комичари кај нас, Тино и Атанас. Стефан беше дел од нивното стендап шоу, кое помина одлично кај публиката и се распродаде во рекорден број. Тоа за него било исполнување на еден сон и почеток на сосема ново поглавје во неговиот живот.

– Беа продадени 12.000 карти, 4 стендапи по ред, 3.000 луѓе во сала. Ако некогаш си замислував, а многу често си замислував како дете, тоа беше тоа. Буквално како што изгледаше тоа во салата „Јане Сандански“, сум го замислувал од „А“ до „Ш“ буквално. Искрено новото поглавје значи дека сега тензијата е во тоа како да се надмине тоа, конечно да направам нешто самостојно, затоа што Атанас и Тино се дуо, ние премногу се засакавме меѓу себе, работевме заедно, меѓутоа тие се дуо, не сме бенд. И сега треба да се работи повеќе на тој момент. Јас кога се појавив првпат кај нив на стендап, пред година и пол, настапував 5-10 минути, но кога тие сфатија дека имаат покрај себе човек, некој којшто ги разбра, знае како да го прави тоа, и му оди од рака, почнаа да ме тераат да пишувам повеќе материјал, за да стигнеме до ова што го направивме на крајот на минатата година, а тоа е јас да настапам 50 минути. Така што за оваа година не знам, сакам да направиме нешто поголемо, па ќе видиме – вели Стефан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот