Соња Исмаил / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Соња Исмаил: Нема формула за „совршен“ родител, родителството постојано се учи

Во оваа епизода на „Слободно со Агнеса“ разговараме со Соња Исмаил, жена со многу пасии и интереси. Програмска уредничка во Младинскиот културен центар, задолжена за Детскиот креативен центар и планетариумот, а воедно и диџејка со скоро 20 години искуство.

Таа е и активна авторка која пишува рецензии за детска литература и докторанд на Факултетот за драмски уметности.

-Ако не беше продукција, ќе беше драматургија, меѓутоа немаше место на драматургија, па одлучив да одам на продукција. Тоа што го работам, во најмала рака е поврзано со продукција или со создавање – објаснува таа.

Нејзината љубов кон „пуштање музика“ започнува случајно и за кратко станува диџејка која не може да се „стави во рамки“. Музиката што ја пушта е всушност „шарена“ и верува во неограниченото комбинирање на стилови, а клубовите и локалите каде што е таа се полни.

Соња го носи својот музички сензибилитет од раѓање, благодарение на нејзината постара сестра која ја воведува во светот на „Мизар“, „Лајбах“ и „ЕКВ“. Исто така, и нејзините родители слушале добра музика.

-Татко ми слушаше класична музика, ама и ’Бјело дугме‘, а мајка ми Леонард Коен. Затоа мојата музичка палета е нешто што не можеш да го ставиш во една кутија – додава Соња за „Слободен печат“.

Објаснува дека емоциите се тие кои ја водат низ животот, а не рационалноста.
Животот за Соња е во постојано движење и тоа со многу предизвици и уште повеќе радости. И, секако, еден од најголемите предизвици е родителството. Нејзината улога како мајка секој ден е различна.

– Родителството е континуиран процес на учење. Прво учиш многу за тоа детенце кое си го донел на свет, за кое имаш неверојатна одговорност, љубов, стравови, сенешто… и низ тој процес учиш и за себе – вели Исмаил.

Соња Исмаил / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Нејзиниот пристап кон родителството е поддршка, но и признание дека никој не ја има перфектната – комплетна слика на тоа како да биде „најдобар родител“.

Често луѓето кои ја сретнуваат ја прашуваат како една мајка може и активно да пушта музика навечер и да се грижи за дете?

-Луѓето можат да зборуваат што сакаат. Не ми е пресудно нивното мислење. Точно знам што правам и која е мојата намера. Ако некого го иритира мојот мултитаскинг, тоа е стварно само нивни проблем – вели Исмаил.

Кога зборувавме за Скопје, ноќниот живот, културните случувања, МКЦ, Соња ни објасни дека улогата на културните институции не ја гледа само како место за здружување, туку како место на постојан развој и промени.

-Скопје е град со неверојатен потенцијал. Ако некој успее да го препознае тоа, секоја чест. Овој град постојано е исправен пред некакви предизвици, но тоа го прави многу посебен. МКЦ не е само на Скопје, и луѓето кои доаѓаат во МКЦ не се само од Скопје. Ова место е дом за сите – вели таа.

На крајот на интервјуто, Соња ни даде една јасна порака:

-Верувај во себе и во она што сакаш да го правиш. Работи го тоа што го сакаш најдобро што умееш. Искреноста и чесноста ќе го спасат светот. Нека секој ден биде нов почеток, а нека животот никогаш не биде претерано сериозен – барем не кога има толку многу музика и љубов во него – вели Исмаил.

Соња Исмаил / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ