Марија Кичевска Шокаровска, балерина/фотo: Слободен печат / Драган Митрески

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Со исчашено колено изиграв цела претстава – 25 години кариера на балерината Марија Кичевска Шокаровска

Со балетската претстава „Мадам Бовари“ примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, првенка на Националната опера и балет, ќе ја круниса сопствената 25 години успешна кариера. На 44 години, што е реткост за балерините, таа сè уште е активна на сцената настапувајќи во тешки улоги. Од неодамна таа е поставена на раководната функција како уметнички раководител на Балетот.

 

По повод овој јубилеј, „Слободен печат“ беше во посета на Националната опера и балет и имавме прилика да проследиме една од пробите, при што направивме разговор со Кичевска Шокаровска, осврнувајќи се ретроспективно на нејзиното творештво од почетоците, преку најголемите достигнувања, но и на предизвиците и повредите со кои се соочувала дејствувајќи во оваа совршена уметност.

Кичевска Шокаровска не потекнува од балетска фамилија, желбата да стане балерина ѝ доаѓа одвнатре уште како дете.

-Од многу мала се заљубив во балетот. Видов една балерина на телевизија и еве сега ми е пред очи како игра во еден светлосин фустан. Јас тогаш имав осум години и кога им кажав на моите дека сакам да станам балерина, тоа не го сфатија сериозно. Почнав да одам на часови во пионерски дом „Карпош“, а потоа на мое инсистирање дека не сe откажувам, моите ме запишаа и во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ . И покрај тоа што нив им требаше подолго време за да сфатат дека јас ова навистина го сакам и дека за мене балетот е живот – со силни емоции се присетува таа на своите почетоци.

Талентот кој го поседува бил видлив уште тогаш и веднаш се издвоила од останатите.

Таа уметничката дејност ја реализира и на меѓународниот балетски подиум, работела во Националниот театар во Визбаден (Германија) и во Виенската опера (Австрија). Може да се гордее со настапи во главни улоги и на сцените на повеќе престижни национални театри ширум светот, како Театарот Сан Карло во Неапол, Арената во Верона (Италија), Националниот балет во Кишињев (Молдавија), Државната опера во Варна (Бугарија) итн. при тоа делејќи ја сцената со светски познатите балетски имиња.

-Работата на претставата „Заспаната убавица“ во Германија ѝ е длабоко врежана во меморијата и во срцето, како едно од најголемите лични достигнувања. Тогаш имав прилика да работам со жена којашто има работено со Рудолф Нуреев. Сите од оваа фела добро знаат кој бил тој и зошто сега го нагласувам. Да ви раскажуваат што правел тој на проби и како се однесувал, не можам да ви опишам како се чувствував во тие денови. Тоа искуство ќе го паметам цел мој живот – рече Кичевска Шокаровска.

Марија Кичевска Шокаровска, балерина / фото: Драган Митрески/ Слободен печат

Во текот на нејзината плодна кариера, има одиграно повеќе од 1000 претстави. На нејзиниот репертоар се наоѓаат најзначајните главни улоги од балетската литература, како Одета и Одилија во „Лебедово езеро“, Аурора во „Заспаната убавица“, Китри во „Дон Кихот“, Маргарита во „Дамата со камелии“, Клара во „Оревокршачка“ „Жизел“, „Рајмонда“ „Есмералда“, „Силфида“, „Пепелашка“, „Ана Каренина“ итн.

„Мадам Бовари“ за јубилејни 25 години кариера

По повод јубилејот долго време размислувала со која претстава да го одбележи, одлуката паднала на култната „Мадам Бовари“ од повеќе причини.

-Сакав претстава којашто има женски носечки лик, име и презиме, и сакав претстава што ја нема на нашиот репертоар. Оваа претстава одлично се вклопи и покрај тоа што бараше многу труд и енергија, горда сум што поставивме голем балет, направивме сцена специјално за оваа претстава и оставивме нешто што ќе трае и за новите генерации – вели таа.

За потребите на оваа претстава Шокаровска дала максимум од себе, вклучувајќи и целосен ангажман во изработката на костимите.

-Како главна улога се појавувам во сите осум слики или сцени и во сите носам комплетно различен костум, од фустан до накит. Сите изгледи ги осмислив јас, што не е карактеристично за балерините. Јас бев по материјали, јас ги цртав моделите како да изгледаат. Тоа ми зема многу енергија, но најпосле вредеше, оти можеби за некого тоа не е важно, но за мене костимите играат значајна улога во една претстава, посебно во оваа, каде на главната ролја Ема Бовари тоа ѝ е едно од најважните нешта – вели таа.

Покрај убавата страна на балетот, која единствено се гледа од гледалиштето, зад кулисите балетот крие и многу болка, предзивици и сериозни повреди. Во целата кариера нашата соговорничка се соочила само со една посериозна повреда.

-Среќна сум што можам да се пофалам со тоа дека сум се соочила само со една поголема повреда. На една од пробите на сцената која тогаш беше во многу лоша состојба, ризична за нас артистите, со дупки, јас при вртењето забележав како коленото ми излезе од чашката. Тогаш си реков „во ред е, имам 40 години, и да не можам повеќе да играм, во ред е! Но тоа не беше баш така, длабоко во мене не можев да си признаам дека не ќе можам да играм. Тогаш ја спремавме „Жизел“ и не се откажав, колегите ми се чудеа, но јас ја одиграв премиерата – раскажува Шокаровска.

Марија Кичевска Шокаровска, балерина / фото: Драган Митрески/ Слободен печат

Претставата ќе се одигра на 18 и на 21 ноември во НОБ.
Во меѓувреме топло ви препорачуваме да се запознаете со балерината Шокаровска низ интервјуто што ќе го најдете на јутјуб-каналот на „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот