ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Одблиску и лично со Елена Ставреска и Славчо Стојанов (музичари): „Ѓаволска жена“ во „Морал“ – на приказна

Елена Ставревска и Славчо Стојанов / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Повеќе од шест години од последната свирка, скопскиот хард-рок состав „Морал“ настапи на „Пиволенд“. Ова не беше обичен настап на бендот предводен од неуморниот Славчо Стојанов. Ова беше огнената крштевка за новата пејачка Елена Ставреска.

Не е лесно да станеш дел од бендот што по шест години ја живее својата нова младост. Но, тоа маестрално го направи Елена Ставреска, која како вокалист доаѓа во „Морал“, по ненадејното заминување во вечноста на легендарниот Влатко Илиевски во 2018-та.

За новиот почеток на групата „Морал“, првиот човек на бендот Славчо Стојанов и новата вокалистка Елена Ставреска беа гости во студиото на „Слободен печат“.

Елена по професија е сликарка, изработува накит од филигран, ја има и во полето на борбените уметности (источни боречки вештини). Љубител е на хеви-метал, а досега членувала во повеќе кавер-бендови.

– Лани нè контактираа за „Пиволенд“, но моравме да откажеме од оправдани причини. Оваа година изборот беше на Елена бидејќи ја познавам десетина години како пејачка што ме фасцинираше како ги пее „Металика“ или нешто слично – открива Славчо за почетокот на приказната. Елена го надополнува…

– Тоа е музиката со која јас пораснав. Со свои 13 години се пронајдов во тој израз – постојано сум во тие води, хеви-метал, индастриал, готик, пост-панк… – раскажува Елена.

Елена Ставревска / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Гласовните можности на Елена беа најдобрата препорака таа да влезе во прочуениот македонски состав.

– Елена беше изборот и затоа што таа како девојка нема да нè потсетува на Влатко. Никој нема да ја споредува со него. Ова е поинаква приказна. Башка што со леснотија ги пее нашите песни од висок регистар и им дава друга димензија – дециден е Славчо.

Пред да стане членка, Елена беше фан на групата „Морал“. Ги знаеше песните и смета дека стилски добро се вклопи. Сепак, тоа е нејзиниот сензибилитет.

– Омилена песна од репертоарот на „Морал“ ми е „Ѓаволска жена“! Сосе текст, сосе сè! – ни открива Елена.

„Ѓаволска жена“ во „Морал“ – на приказна, воопшто не звучи лошо.

Свирката на „Пиволенд“ помина над очекувањата, што е дополнителен ветер во грб за екипата. Не постоеше трема за Елена, а публиката дополнително ја мотивираше. Затоа и плановите им се амбициозни.

– Сакаме уште некоја свирка, па да пробаме да снимиме некоја песна со Елена. Охрабрени сме како нè прими публиката на „Пиволенд“. Претходно немаме настапувано шест и пол години, а за оваа свирка имавме само две проби. Тоа се некои краткорочни планови, бидејќи кај нас сè е неизвесно на подолг рок – смета Стојанов.

Славчо Стојанов / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Славчо е разочаран од општата состојба во која заталка овдешната сцена. Се сеќава на времето на поранешна Југославија, кога „Морал“ ги имаше своите први чекори. И тогаш главните центри беа Белград, Загреб и Сараево.

– Со Оливер Мандиќ бев во војска. Ми кажа: „Супер сте, дојдете во Белград, па ќе ја тераме работава“. Истото ми го кажа и Бреговиќ. Па, гледај, Венко Серафимов со „Конкорд“ каков албум имаа, па истото им го кажаа: „Преселете се во Загреб“, но сите бевме млади, студенти, тато, мама… – носталгичен е Славчо.

Елена, зборувајќи за новите песни, сака времето природно, без форсирање, да го покаже патот. Во нејзината креативност не треба да се сомневаме.

За крај, Елена и Славчо ни открија и дека следната година би сакале да направат еден концерт во чест на прерано починатиот Влатко Илиевски. Влатко одамна заслужил такво нешто.

– Мислам дека малку е заборавен во македонската поп-рок приказна. Тој имаше и успешна соло-кариера, но, ако не можеме со тие луѓе што му помагаа тогаш, макар со песните од „Морал“ – ни откри Стојанов на крајот од разговорот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот