Фото - Слободен Печат

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Марта Гусар, адвокатка: Браниме жртви на насилство, ама и самите добиваме закани

Адвокатката Марта Гусар застапува жртви на семејно насилство и како што вели – досега нема загубено предмет од оваа област. Но, како што истакнува таа во интервју за „Слободен печат“, адвокатките на жртвите на насилство во Македонија се соочуваат со поинакви предизвици. Адвокатките според неа – и самите стануваат мета на закани, притисоци, обиди за подмитување со цел да се откажат од предметот. Во процесот на застапување на жртвите и самите стануваме жртви како адвокатки, вели таа и додава дека верува оти од 10 адвокатки 8 ќе го потврдат тоа.

 

 

За оваа тема адвокатките меѓу себе зборуваат, но јавно првпат ја отвораме во нашето интервју со Гусар во „Слободен печат“. По повод кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“, адвокатката вели дека треба да се препознаваат сите видови на насилство, вклучително и психичкото бидејќи и душата може да боли, а не само телото.

-Во последно време малку поинтензивни се притисоците кои ги имаме ние адвокатите при застапување на жртви на семејно насилство. Со притисок – јавување кај пријатели за да се повлечеме од предметот, или пак да ни платат па да се повлечеме од предметот, со закани по живот, со следење, демнење. Сето ова е со цел да се повлечеме од предметот. Верувам дека и многу други колеги ќе го потврдат истото, најчесто жени колешки. Не зборуваме во општа смисла, туку конкретно за колешки жени кои застапуваат жртви на насилство. Во последно време, сериозно имаме преголем притисок. Не знам зошто почна таа тенденција да се случува такво нешто, но навистина имаме голем проблем и наместо да се насочам кон застапување и заштита на жртвата на семејно насилство мене ми се отвори уште еден фронт каде јас треба самата да се заштитувам. Па да пријавувам. Ми се губи суштината во заштитата на жртвата заштитувајќи се и себеси, изјави адвокатката Гусар за „Слободен печат“.

Таа додава дека овој притисок е бесмислен бидејќи дури и ако некој бара адвокатка да се повлече од предметот каде застапува жртва на насилство, ако ѝ понуди пари за тоа – пак некој друг ќе го прифати предметот.

-Која е поентата? Кога некој ќе врши притисок или ќе се заканува да се повлечам од предметот, во таа насока нешто сериозно се случило. За мене баш напротив ова има контраефект и сметам дека другата страна навистина згрешила и сторила некое сериозно дело или насилство кое не сака да се обелодени. И пак ќе кажам, ако не сум јас во предметот, ќе биде некој друг. Нема тука разлика. Нашата професија е да штитиме интереси и права на странките кои ни дале овластување за тоа – вели Гусар.

Марта Гусар, адвокатка / Фото „Слободен печат“, Методи Здравев

Искуството со жртвите на насилство, покажало дека адвокатите се првата борбена линија каде што жртвите се појавуваат. Гусар вели дека нивната психичка и физичка состојба на почетокот е страшна, бидејќи насилството не се случувало еднаш туку во континуитет. За да дојде жртва да пријави, тоа значи дека насилството траело долг временски период и во даден момент жртвата решава дека веќе не може да издржи и бара помош.

И покрај тоа што јавноста е исклучена од предметите, сепак во судница доаѓа до целосно разголување на жртвата и повторно навраќање на она што го преживеала. Гусар го споделува и своето искуство за овие жени кога ќе заврши постапката, дека некогаш им е потребно време да се навикнат на новата состојба во која повеќе не се жртви на насилство, па почнуваат да бараат работа, да си го средуваат животот.

– Меѓутоа, во текот на процесот кога започнуваме постапка, сторителот секогаш се насочува кон мене. После насилството врз мене се врши. Дали ќе биде со притисок, со реченици „таа адвокатката те тера“ итн. Го сфаќаат лично, дека јас имам нешто лично против нив. Но немам ништо лично, јас сум само адвокат во постапка каде застапувам одредена странка. Немам ништо лично со спротивната странка, ниту носам решенија или пресуди, рече таа.

Марта Гусар, адвокатка / Фото „Слободен печат“, Методи Здравев

Најголемиот дел од жените жртви на насилство се застапувани од адвокатки – жени, тврди Гусар и често се случува и адвокатката и жртвата да се мета на притисок во процесот.

-Дури и во даден момент странките стануваат колатерална штета на притисокот каде мета се адвокатките. Затоа што се смета дека „жена е адвокатка па со жртвата ќе си се договорат“. И дека „адвокатката ќе ѝ ги исполни желбите“. Тоа не е така. Ние мора да работиме според закон. И полесна е метата точно, затоа што ако жената жртва ја застапува маж, тогаш можеби нема да има толкав притисок. Затоа што маж на маж не си прават притисок, ама маж на жена прави притисок, посочи Гусар во интервјуто.

Уште една форма на притисок е и етикетирањето на жените адвокатки. Кривичниот законик е изменет, па адвокатите како и новинарите се ставени во посебна категорија за поголема нивна заштита. Но, Гусар смета дека не треба да се лекува последица и да не се дозволува адвокатките да треба да се бранат во судски постапки, туку да се подигне свеста кај луѓето дека застапувањето од страна на адвокатките нема лична врска со спротивната страна.

-Како што вие новинарите не треба да се грижите за својот живот при правење на сторија и изнесување на факти, така и ние при застапувањето не смееме да имаме никаков притисок или закани по живот за да се дефокусира предметот и да се штитиме ние самите себеси, вели Гусар.

Притисоците, иако не придонесуваат адвокатките да одбијат предмет, сепак тоа, искрена е Гусар – „поминува низ глава“.

-Понекогаш доаѓа ситуација наместо да си ја работам работата, треба да работам за да се заштитам себеси за да застапувам жртва. Имало мисла низ мојата глава, особено неколку ситуации имало каде имав сериозни закани по живот, но верувам дека сите веќе дуваме и на млако. Едноставно веќе не сме баш така слободни во застапувањето зашто не знаеме кон што може да прогресира тој притисок или тие закани, вели Гусар.

Адвокатската комора и да сака не може да заштити адвокат од закани по живот туку и адвокатот е ставен во нормалниот процес – пријавување во МВР.

-Стануваме странки на самите себе кога треба да пријавиме, поради тоа што имам закани по живот, а застапувам жртва на насилство со закани по живот, вели Гусар.

Денеска почнува кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“ под покровителство на агенциите на Обединетите нации во соработка со делегацијата на ЕУ во Македонија, мисијата на ОБСЕ во Скопје, УСАИД и други.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот