ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Ивановски од Supportkocani: Немам политички амбиции, сакам само да им помогнам на луѓето
Иницијативата „Поддржи го Кочани“ (Suppоtkocani) е составена од триесетина млади луѓе од Кочани и околината кои волонтерски веќе петти ден над 20 часа поминуваат во една канцеларија со цел да им помогнат на директно погодените семејства од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
За кратко време успеаја да ги соберат трансакциските сметки на семејствата да ги прикачат на ново оформената страна www.suppоrtkosani.com каде што не се донираат средства туку се води евиденција кај кој колку пари има досега донирано, со цел да се даде транспарентност за јавноста за сите да добијат пари. Нема никој со нула денари, вели Иван Ивановски од иницијативата за „Слободен печат“.
Препорачано
– Јас сум сигурен дека секој ќе добие пари, не постои никој со нула денари. Нас бавно ни оди ажурирањето на податоците, затоа постојано апелираме секој што донира да ни прати фотографија дека донирале и за кого, за да биде полесна транспарентноста и поверодостојни податоците, гарантираме за податоците на тие што донираат – вели Ивановски.
Тешко е деновиве во Кочани, како што вели Ивановски, тоа е мал град, секој со секого се познава.
– И мои блиски луѓе беа таа вечер во дискотеката, јас имам колега и пријател од работа којшто е во моментов на апарати, се бори за живот, друг колега, за кого можам да кажам дека е херој, таа вечер успеал да спаси над 20 луѓе ги извлекувал надвор. Како да ви објаснам излегувам од дома одам да пијам кафе во местото каде што секогаш правев пауза двајцата се починати. Одам да јадам во „Џинџер“ тоа дете е на апарати во Србија, на работа колегите ги нема, излегувам во продавницата на тој човек синот му умре, не можам да ви ја испишам ситуацијата во Кочани, претешко е – вели тој.О
Ивановски е благодарен за пофалните зборови, поддршката, епитетите и убавите коментари коишто ги добиваат, како и таквите дека вакви луѓе како него треба да ја водат државата ,но не се смета себеси за херој, ниту пак има амбиции за во политика.
– Им благодарам на сите, но ние не сме херои, херои се тие што беа вечерта во диското, ние само сакаме да помогнеме. Имам искуство за организација и активирање на кризен штаб, само го употребив своето знаење за да направиме побрзо начин семејствата побрзо да стигнат до пари, бидејќи им се неопходни во моментов. Тие ќе добијат средства и од други донации и помош од државата, но верувајте ми нив допрва ќе им требаат пари. Многу се лутам кога ќе слушнам „добро ете собраа пари“, не е така има семејства коишто останаа без двете деца во една ноќ, самохрани родители … допрва ќе им требаа пари на овие луѓе. Јас немам амбиции за политика и покрај тоа што читам такви коментари, јас само сакам од патриотски причини на им помогнам на моите сограѓани. Не сакам Кочани да оди надоле, не сакам во мојот град после една година да нема диско, моето дете да не оди во Кочани во диско, сакам да ги фатам тие луѓе за рака и заедно да направиме диското сите стандарди. Тешко е, но мора да се бориме – вели Ивановски.


