ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Иван Стоиљковиќ: На регионот му „недостасува“ уште етничка дестабилизација од ДУИ
Во новонастанатата состојба, секоја дестабилизација на политичка Македонија ќе биде жестоко санкционирана од меѓународната заедница. Сето ова што го приредува опозициската ДУИ, а има поврзаност со обидите за разгорување на меѓуетничките односи во земјава има единствена цел, а таа е по секоја цена таа партија да се врати во власта. Без претерување, моја констатација е дека тие плачат за власт, плачат за заштита која би им ја донела евентуалната власт во која би се вратиле. Од тој аспект сето ова што го приредуваат е чист политички фолклор. На регионот му „недостасува“ уште етничка дестабилизација од ДУИ, истакна вицепремиерот на Владата и министерот за односи меѓу заедниците Иван Стоиљковиќ при неговото гостување во утринската емисија на „Слободен печат“.
– Кога сакате да направите каква било турлитава во своето работење со цел да ги избегнувате законските норми, ќе измислите некакви приказни кои ќе ве оправдаат. Така беше и со многу други работи во минатото, а сега така е и со балансерот. Балансерот беше алатка за некритичко вработување на припадниците на една политичка партија, односно ДУИ. Тоа пак наједноставно може да се објасни токму преку функционирањето на ресорното министерство со кое јас раководам. Во Министерството има систематизација за 2.700 вработувања. Тоа е сериозна бројка дури и за министерства кои се занимаваат со безбедноста, а не за Министерството за односи меѓу заедниците и политички систем. Просто неверојатно е како некој можел да замисли да направи таква систематизација, каде во исто време таму некритички поминале еден куп припадници на ДУИ кои се распоредени по државните институции – истакна Стоиљковиќ.
Во однос на укинувањето на балансерот, министерот Стоиљковиќ вели дека таа алатка е исцрпена бидејќи повредувала неколку уставни одредби. Според министерот, на негово место доаѓа нов Закон за правична застапеност кој ќе ги исправи состојбите.
– Го укинуваме балансерот и се жалиме зошто тој бил укинат. Тоа е направено токму поради непрофесионалимот на администрацијата која не беше во можност да функционира. А кога не може да функционира администрацијата не може да функцира со тоа ниту државата и тука работите се сосема јасни. А дали и како ќе се разрешува проблемот со соодветната и правична застапеност останува да се утврди со новото законско решение – посочи Стоиљковиќ.
Во однос на тоа кои ќе бидат клучните надворешно-политички насоки на власта на кои ќе се обиде да се фокусира во периодот што следи, а се однесуваат на уставните измени, спорот со Бугарија и слично, Стоиљковиќ истакна дека Владата останува да биде посветена на решавање на сите надворешно и внатрешно политички проблеми.
– Многумина ги застрашуваат граѓаните околу иднината во однос на нашите евроинтеграции. Едно е јасно дека ќе си ја вршиме нашата домашна работа и ќе се бориме за она што е програма со која оваа коалиција дојде на власт. А тоа е дека ваквиот договор склучен со Бугарија „визави“ францускиот предлог е неприфатлив за новото политичко раководство на државата и како таков мора да има соодветна приказна која би можела да отвори врати за решавање на отворениот проблем – вели Стоиљковиќ и додава дека никогаш не било проблем внесувањето на Бугарите во Уставот туку проблемот бил отсекогаш во Софија, која никогаш не го признавала македонскиот народ како народ, како и македонскиот јазик.
Повеќе од интервјуто со вицепремиерот и министерот за односи меѓу заедниците, Иван Стоиљковиќ, можете да погледнете во видеото погоре.