ВИДЕОИНТЕРВЈУ| Игор Гешовски, „Еко логистик“: Разнесуваме по 10.000 пратки од „Тему“ дневно, ќе влезат и други светски платформи
Ние комплетно ја преземавме дистрибуцијата на пратките од „Алиекспрес“. Не е во прашање преземање од Македонска пошта, туку политиката на „Алиекспрес“ да ги замени државните пошти во регионот, се случи таа трансформација и успеавме за неколку месеци најслабата достава што имаше Македонија да ја направиме најдобра, а за тоа добивме и официјална потврда од „Алиекспрес“
Граѓаните „полудеа“ по производи на „Тему“ , а не стивнува и интересот за платформата „Алиекспрес“. За тоа како курирската служба успева да одговори на овој предизвик и каков нов начин за достава се планира, во емисијата „Слободен печат“ разговаравме со првиот човек на „Еко логистик сервис“, Игор Гешовски.
Препорачано
„Еко логостик сервис“ е „виновникот“ за достава на повеќе од половина од таканаречените брзи пратки низ државава. Целосно ја презема доставата на пратките на „Алиекспрес“, а доставува и најголем дел од пратките на „Тему“. Гешовски вели дека „Еко логистик“ се вклопил во новата стратегија на „Алиекспрес“ доставата да ја прави преку приватни пошти.
– Ние комплетно ја преземавме дистрибуцијата на пратките од „Алиекспрес“. Не е во прашање преземање од Македонска пошта, туку политиката на „Алиекспрес“ да ги замени државните пошти во регионот, се случи таа трансформација и успеавме за неколку месеци најслабата достава што имаше Македонија да ја направиме најдобра, а за тоа добивме и официјална потврда од „Алиекспрес“. Ние носиме најголем дел и од пратките на „Тему“, први и почнавме, тоа е бројка од околу 10.000 пратки дневно, а во една пратка има по 2-3-4 нарачки. Сега првото ниво на достава е до 22 евра, износ до кој пратките се ослободени од давачки, се очекува да почне второ ниво, а со тоа ќе се зголемува бројот на пратки, така е секаде во светот. За вашите гледачи ексклузивно ќе најавам дека допрва ќе стартуваат уште неколку светски платформи и овој бизнис-сегмент значително ќе се развива на нашиот пазар – вели Гешовски и открива дека покрај кинески платформи, се очекува влез и на американски и европски.
Минатиот месец „Еко логистик“ разнел околу половина милион пратки, а овој месец, како што вели Гешовски, ќе биде „појак“.
– Ние постојано сме присутни со нови капацитети, на нови логистички центри, вработуваме нови луѓе, дејствуваме партнерски, имаме одлична можност за бизнис-модел, им даваме на луѓе разработен бизнис, кој гарантирано значителна добивка. Ние мора да се подготвиме за тоа што ќе дојде, тоа е исто што и кога пред зима паметните луѓе купуваат дрва кога се евтини, ако нè затекне зимата ќе бидеме во непријатна ситуација – вели Гешовски и укажува дека кај нас почнуваат да доаѓаат и српски и косовски приватни пошти, иако не сме атрактивни, затоа што имаме најниски цени за достава.
Тој раскажа и низа интересни случки со кои се соочуваат во нивното секојдневие.
– Се јави еден мајстор и вели „диплите ги ставив, кога ќе дојдат шрафовите“. „А кај порачавте шрафови? „Па, вчера од Кина.“ Се јави една жена што праша дали нашиот курир ја зел во Кина нејзината пратка. Пишува позиција „Аеродром“, а една жена се јавува и вели јас не сум во Аеродром, јас сум во Карпош. Еден човек дури ни се закани дека ќе нè тужи затоа што не си го добил телефонот. Кога го прашавме колку го платил, тој рече 120 денари и констатиравме дека всушност порачал маска за телефонот! – раскажува Гешовски.
Во однос на регулативата, Гешовски вели дека „ние имаме еден чуден закон околу работата со поштите“.
– Сива економија има многу, има многу диви поштари, доставувачи, тоа државата треба побрзо да го реши, како и начините за плаќање. Светот е веќе променет, продавниците доаѓаат кај луѓето, а не луѓето во продавниците. Растот на овој пазар кај нас е 30 проценти. Домашните трговци сè уште не се подготвени добро, но се надевам дека и тоа ќе се подобри. Можеби и ние ќе може да им парираме на овие современи странски платформи, кои имаат современи повикувачки центри, сериозна поддршка, следење на секоја позиција на пратка, замена и брза реакција – заклучи Гешовски.
Тој посочи низа иницијативи што ги имаат. Една од нив е достава на лекови на хронично болни, како и можност да се подигаат пратки од специјални места, најблиску до пријавената адреса.
Во однос на своето работење, „Еко логистик“ го има мотивот „домашен бренд, светска услуга“.
– Применивме технологии што се споредуваат со најразвиените поштенски или курирски служби и тоа овозможува еден порелаксиран начин на работа. Секоја пратка е во систем, може буквално да се видат капацитетите, колку време се губи… Сите видови пратки ги работиме, од најгабаритна до најситно писмо – објаснува директорот.
Целото ВИДЕОИНТЕРВЈУ погледајте го погоре.


