ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Енигматичарот Петковски слави јубилеј од 70 години творештво
Во 1954 година во некогашен „Колибри“ излегло крстозборче направено од осумгодишниот Никола Петковски. Оттогаш сè до денес Петковски својот живот го посветува на енигматиката. Перманентно седум децении тој создава енигматска содржина која е објавувана во бројни весници во Македонија, но и во земјите на поранешна Југославија. Со тоа тој станува доајен на македонската енигматика, највозрасниот енигматичар во државава кој годинава одбележува јубилеј од 70 години творештво.
Петковски вели дека уште како дете сфатил дека се разбирал во решавање загатки, но дека одлично му оди и смислување на нови.
– Кога го направив мојот прв крстозбор не знаев дека јас всушност сум направил многу квалитетен крстозбор, подоцна разбрав дека тоа што мислев дека е тешко, впрочем значело квалитетно – вели Никола Петковски за „Слободен печат“.
Љубовта кон енигматиката растела, а животниот пат му нудел прилики постојано да има каде да ги објавува творбите. Петковски е еден од двигателите за создавање на првото македонско енигматски списание „Котелец“.
– Во минатото пишувавме само на српско-хрватски јазик. Тоа нè поттикна и се собравме група македонски енигматичари мажи и жени за да ја избуткаме работата и во 1975 година официјално излезе првото енигматски списание на македонски јазик. Тоа беше голема радост за сите нас. Важно е да се одржува литературниот мајчин јазик и во оваа форма преку енигматиката, јас до ден денес внимавам на тоа – вели Петковски.
Македонската енигматика според Петковски не е во добра состојба, енигматичарите се бројат на прсти, нема голем простор и можност за пласман, со тоа интересот бледнее, а кај новите генерации не постои.
– Нема млад енигматичар во Македонија. Нема ни жена која пишува крстозборки. Интересот за оваа работа полека исчезнува. Кај нас проблемот е во тоа што никогаш немало Сојуз на енигматичари, клубови постоеле, но секогаш се сведувале на патронски средби, ништо посериозно за развој на енигматиката. За разлика од кај нас во соседството и денес постојат клубови кои функционираат солидно – вели нашиот соговорник.
Како единствен амбасадор на македонската енигматика, пласманот на содржините надвор од Македонија на Петковски му носи многу награди, убави поминати времиња, средби со енигматичарите во регионот.
Неговите крстозборки ги решаваат и нашите иселеници низ светот. Македонците во Канада и денес имаат можност да се релаксираат со загатките на Петковски, се работи за долгогодишна соработка со тамошното списание кое излегува на македонски јазик.