ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Џентлменот Жика и Тахама се новиот љубовен пар од Зоолошката
Кое е вашето омилено животно од Зоолошката градина – Скопје? Дали знаете како се вика, колку години има, од која земја потекнува и кога за првпат бил донесен тој вид, таа единка кај нас? Нашата Зоолошка постои од 1926 година и низ годините се развивала просторно, а растел и бројот на животните. Денес при посетата на Зоолошката градина можете да се запознаете со стотици разновидни единки, а секоја од нив крие посебна судбина.
„Слободен печат“, низ овој серијал, кој го нарековме „Лична карта на жителите на ЗОО Скопје“, ќе се обиде да ви ги доближи нивните приказни, нивните карактери и чувства. Ќе се обидеме да ви овозможиме да дознаете што јадат и која е нивната омилена храна, ќе дознаете нешто ново и забавно, поврзано со омилените сожители во главниот град.
Природата на лавовите е таква што тие имаат потреба од друштво, сакаат да живеат во чопор. Нашиот Жика, златниот лав од Зоолошката во Скопје од Белград пристигнал во 2011 година. Тогаш имал само две години. Пред еден месец Жика се запознал со Тахама и брзо ја прифатил новата „цимерка“ и животна сопатничка.
– Јас многу се изненадив кога им го давав првото јадење. Жика до скоро беше научен да јаде сам, се прашував како ќе изреагира и препуштив на случајот. Прво нему му дадов месо, го изеде, потоа фрлив уште едно месо со цел тоа да биде оброкот на Тахама. Жика почна да го јаде парчето, но во истиот миг се сети и џентлменски ѝ го отстапи на неговата партнерка – раскажува за „Слободен печат“ ЗОО-негувателот Александар Маџовски.
Како што можевте да заклучите од претходната епизода, белите и златните лавови живеат во одделни живеалишта. Тоа е поради генетиката, но интересно е што нашиот Жика во себе содржи ген, поради кој од неговото легло може да излезе и бело лавче, објаснува Маџовски.
Целото видео погледнете го во продолжение: