ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Давидовиќ: Реформа во судството не се прави со промена на една личност, туку само со длабински рез и утврдување на одговорност

Звонко Давидовиќ/слободен печат/фото Слободан Ѓуриќ

Реформата на правосудството тешко се реализира и досегашните ефекти се минорни во споредба со очекувањата на граѓаните. Се` уште јавноста има ниско ниво на доверба во судската власт, од една страна и судството повторно е предмет на опсервација на меѓународните институции со давање 40 препораки, од друга страна.

-Давањето препораки од Оценската мисија на ЕУ за состојбата во правосудниот систем не е новина, туку нешто што го имаме како состојба низа години. Често состојбата дека не е добра во правосудството беше констатирана во извештаите на ЕК и во Извештајот на Прибе. За овие проблеми што ги нотира Мисијата беше укажано претходно и таа ништо ново не даде, ниту кажа. Таа само потврди дека ние со години не сме направиле ништо на планот на реформите во судството. За да успеат реформите во судството треба да постои и да има политичка волја. Тоа е така затоа што политиката длабоко е навлезена во судството, иако станува збор за посебна, трета власт. Оваа констатација е присутна кај сите меѓународни организации и поединци кои во изминатиот период работеа со Судскиот совет и правосудството во целина. Ако има клиентелистички однос на правосудството спрема власта, тогаш не може да има движење во насока на реформите во судството. Постои ситуација, каде што имате судии што испорачуваат пресуди затоа што тоа се очекува од нив, од една страна и кои подлегнуваат врз притисокот што (им) се прави, од друга страна. Ова го изјави Звонко Давидовиќ, адвокат и колумнист во емисијата на Слободна ТВ.

Тој се повика на тајна анкета спроведена меѓу судии која покажува дека тие трпат разни притисоци во работата, а од друга страна се молчи за тоа.

– Во една анкета, спроведена меѓу судиите, беше констатирано дека најголем број судии трпат притисок при вршење на работата. Притисокот им го вршеле од највисоко ниво, како што се високите судови претседатели на судови, политичари и други лица. Постојат две групи судии, првата која испорачува пресуди, како што се очекува од нив и втората, таа што молчи на ваквата состојба и ништо не презема за таа состојба биде променета. Судиите имаат траен мандат, самостоен судски буџет, потоа самостојно да вршат избор на мнозинството судии во Судскиот совет и да не зависат од Собранието и на ваквата регулатива добивате судство во кое имате помалку доверба од 4% кај граѓаните, тогаш станува јасно дека реформите не се спроведени. Ова го изјави Звонко Давидовиќ, адвокат и колумнист во емисијата на Слободна ТВ.

Судскиот совет како институција не дава позитивни резултати во своето работење, а со оставките и со сменувањето на претседателите на начин спротивен на законите и на процедурите во јавноста и кај меѓународните институции го сврте вниманието како фактор што не може да биде кадарен учесник во реформите. Во други држави, членовите на вакво тело по донесување пресуда на Управен суд со која им ја поништува одлуката за смена на претседателот, би дале оставка.

– Судскиот совет беше формиран со цел да биде брана за самостојно и независно судство, да биде гарант за правично судство. Фактичката состојба говори дека судството и Судскиот совет и покрај добиените придобивки за да може самостојно да работи не ја извршува таа задача. Како илустрација дека состојбата е таква ќе наведам дека неколку амбасадори на земјите што помагаат да се спроведат реформите во судството и соработуваат со Судскиот совет, својата соработка ја прекинаа, истакна адвокат Давидовиќ.

Дел од Препораките, дадени од Оценската мисија може да се применат веднаш без измени на Уставот и на одредени закони. Според изјавата на амбасадорот Гир, примената на 17 препораки, веднаш за кои не требаат никакви услови, би довела до револуција во судството.

-Ние реформата во судството ја сфаќаме како еден вид „шминкање”, а тоа за да биде јасно за гледачите и читателите гласи: „не можете со тим што губи да освоите државно првенство”. Тоа го правите 10 сезони и никако да сфатите и да извлечете поука дека таков тим не може да биде шампион. Ние мора да направиме длабок рез во судството и таканареченото метастазирано ткиво да го исечеме и да го отстраниме. Ние имаме квалитетни судии пензионери што можат да бидат ангажирани и да помогнат во реформите на правосудниот систем. Реформа со промена на една личност не се прави, туку се прави само со длабински рез, и со утврдување одговорност за направени последици и неработење во насока на нивно санкционирање. Секое незаконито или неморално однесување бара да биде санкционирано. Во сегашнава ситуација ние имаме луѓе што се над законот и се недопирливи за да бидат санкционирани, истакна адвокат Давидовиќ.

Целото интервју со адвокатот Звонко Давидовиж, погледнете го во продолжение:

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот