ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Смилевски: Биопсијата е клучна дијагностичка процедура за докажување на карцином
Карциномот на дојка е ден од најзастапените видови на карцином кај жени. Ако порано заболуваа жени над 50-годишна возраст, последните десетина години возраста е намалена. Карцином на дојка се појавува и кај многу помлади пациентки. Најдобра дијагностичка процедура со која се докажува карцином е биопсија. Како се прави биопсија на дојка, кој ја изведува, колку типови на биопсија има и за каква дијагностичка процедура станува збор, зборуваме со доктор Драган Смилевски, супспецијалист по градна хирургија од приватната болница „Аџибадем Систина“.
Препорачано
Докторот вели дека биопсијата претставува процедура која може да биде минимално инвазивна или повеќе инвазивна процедура, со цел да се земе пример од промената на градата за да се добијат цитолошки или хистолошки резултати со коишто би потврдиле или исклучиле постоење на малигната болест.
– Биопсијата е составен дел од дијагностички протокол кој опфаќа клинички преглед, рендгенолошко испитување, како што се мамографијата и ехо како стартен преглед. Трет чекор од тој метод е земање пример од ткивото, што може да се изведе на различни начини. Тенкоиглена биопсија е секој метод на земање ткиво со помош на игла, се изведува во амбуланта на радиолог, се прави во локална анестезија, прилично комотна процедура е, пациентот не го чувствува убодот од анестезијата, само кратко печење и практично проаѓа безболно – вели Смилевски.
Тој објаснува дека вториот тип на биопсија со игла е „кор-биопсија“ или биопсија со срцевина, која е попрецизен метод и за разлика од тенкоиглената со неа добиваме примерок во вид на цилиндар, на парче ткиво што е многу слично со оперативен материјал, само што тогаш примерокот е поголем.
– Со оваа биопсија би имале комплетен увид во дијагнозата на болеста, а што е уште поважно би можеле да направиме адекватен план за третман на тој пациент. Следната е хируршка биопсија кога не сме сигурни дека примерок земен со игла е адекватен на промената. Ние сакаме дијагноза поставена во што поран стадиум и за да го постигнеме тоа некогаш биоптираме промени коишто имаат индиректни знаци и рендгенолошки докажани дека нешто се случува. Тоа се групирани микрокалцификати во паренхимот на дојката. Ваквите лезии мораме да ги отстраниме. Тие процедури вклучуваат кратка хируршка интервенција во операциона сала во општа анестезија – вели Смилевски.

За самата постапка вели дека е безбедна, пациентот ја поднесува добро затоа што маркирањето се одвива во локална анестезија, а во општа анестезија се врши интервенцијата. Постоперативно нема некаква посебна болка, пациентите поминуваат со парацетамол или друг базичен аналгетик во рок од десетина дена колку што се носат конците.
– Забрануваме некаква физичка активност, во смисла вежбање со горниот дел од телото, меѓутоа охрабруваме секој вид на друга активност како пешачење. Во основа, најголемиот страв не е самата интервенција, ниту постоперативната болка, туку моментот на чекање на резултатот. Најбрзите резултати се од 24 до 48 часа кога одговара патологот. Кај биопсијата со срцевина, можеби треба 3 до 4 дена, но не повеќе од тоа, а истото важи и за биопсијите со хируршка ексцизија – вели Смилевски.
Тој објаснува дека кога имаме поставена дијагноза, потоа се прави план за понатамошен третман, а тоа е хируршка интервенција. Раниот стадиум на болеста ни овозможува да употребиме штедливи интервенции, за да се отстрани само туморот со околното паренхимско ткиво на безбедна оддалеченост.
– Тоа не е ниту четвртина од градата. Тоа се штедливи хируршки интервенции, таква е и квадрантектомијата, кога се отстранува четвртина од градата. Но, основен предуслов кога одлучуваме дали да се работи штедлива хируршка интервенција, од најголема важност ни е наодот од магнетната резонанца – вели докторот.

За мастектомија и реконструкција во исто време вели дека се прави само кај пациенти кај кои дозволува болеста. Основен предуслов е болеста да биде во ран стадиум. На пациентките им препорачува самопрегледи кои се корисна алатка, но вели дека не смееме да останеме на тоа.
– Редовните контроли ни овозможуваат каква било промена, сомнителна или не, да ја идентификуваме рано и да ја решиме рано – вели Смилевски.


