Др.Андреј Петров - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Др.Андреј Петров - Фото Слободен печат - Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Петров: Меланомот е тивок убиец, но 100 % се лечи ако се открие навреме

Со доаѓањето на месец мај, кој традиционално се одбележува како месец за подигнување на свеста за превенција од карцином на кожа, темата за меланомот повторно станува актуелна. За ракот на кожа, за ризиците, симптомите и важноста на раното откривање на оваа сериозна болест зборуваме со дерматовенерологот д-р Андреј Петров од приватната болница „Аџибадем Систина“.

-Меланомот е најопасниот тип на рак на кожа и најчеста причина за смрт од кожни болести. Токму затоа превенцијата и раната дијагностика се клучни – вели докторот.

Тој вели дека една од најчестите дилеми кај граѓаните што треба да се расчисти е дека секоја бенка не е меланом.

-Сакам да ги релаксирам гледачите, најголемиот дел од бенките се безопасни. Но, проблемот е што некои малигни промени можат да изгледаат како обична бенка и затоа е важно да се направи преглед – вели Петров.

Според него, современите методи значително го подобруваат раното откривање.

-Со дермоскопија, која денес е широко достапна, раното откривање се подобрува за околу 50%. А кога меланомот се открива во рана фаза, излекувањето е практично 100% – нагласува Петров.

Еден од клучните алати за препознавање на сомнителни промени е таканареченото ABCDE правило, кое граѓаните можат сами да го применуваат.

-А значи асиметрија, Б е граница, Ц е боја, Д е дијаметар, а Е е елевација, односно издигнување. Секоја промена што отстапува од нормалното треба да биде сигнал за посета на дерматолог“, објаснува докторот.

Тој додава дека кожата има предност во однос на другите органи, може да се прегледа со голо око.

Др.Андреј Петров - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Д-р Андреј Петров – Фото Слободен печат – Методи Здравев

-Со помош на две огледала, човек може да ја види речиси целата кожа. Но, тоа не ја заменува стручната контрола – вели Петров.

Кога станува збор за ризик-факторите, ултравиолетовото зрачење е на прво место.

-УВ-зрачењето е докажан канцероген. Изложувањето на сонце е ризик, но животот е баланс. Не треба целосно да се избегнува сонцето, туку да се користи заштита, креми со висок фактор, најмалку SPF 50, особено во поднебја како нашето – советува Петров.

Тој предупредува дека најголемата грешка е изложувањето на сонце во најжешките часови.

-Помеѓу 12 и 15 часот, сонцето е најсилно и најштетно. Тоа не е здраво сончање, туку непотребно оштетување на кожата – вели тој.

Особено внимание треба да се посвети на децата.

-Детската кожа е многу чувствителна. Изгорениците во детството се сериозен ризик-фактор за појава на меланом подоцна во животот. Затоа, заштитата треба да започне уште од најрана возраст – додава докторот.

Интересно е што меланомот најчесто се јавува кај лица во петтата и шестата деценија од животот, но сè повеќе случаи се забележуваат и кај помлади луѓе.

-Добрата вест е дека меланом кај деца под 10 години практично не се јавува – вели Петров.

Во однос на половата разлика, тој посочува дека болеста се јавува и кај мажи и кај жени, но со една важна разлика.

-Жените почесто ги откриваат промените во рана фаза, бидејќи повеќе внимаваат и прават самопрегледи. Тоа значи и подобра прогноза – вели докторот.

Кај луѓето со голем број бенки, контролата е поспецифична.

-Не е поентата да се анализира секоја бенка до детаљ, туку да се идентификуваат сомнителните и да се следат. Со дигитална дермоскопија можеме да ги мапираме и следиме промените со текот на времето – објаснува докторот.

На крајот од интервјуто, тој упатува јасна порака:

-Меланомот може да биде опасен, но ако се открие навреме е излечив. Не чекајте промените да станат сериозни. Подобро е да направите превентивен преглед и да бидете сигурни – вели Петров.

Во рамки на кампањите за подигнување на свеста, здравствените установи често организираат бесплатни прегледи, што е дополнителна можност граѓаните да се грижат за своето здравје. Пораката е едноставна, редовна контрола, заштита од сонце и внимание на промените на кожата може да спасат живот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот