Д-р. Александар Мицковски / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Мицковски: Операција на простата со локална анестезија, пациентот си оди дома за неколку часа

Се зголемува ли бројот на случаи со зголемена простата? Дали новооткриените случаи се повеќе бенигни или малигни? Постои ли некоја нова метода за третирање на простатата по која може за кратко време пациентот да излезе од болница? На ова тема и за една нова метода којашто за прв пат се прави во Македонија, зборуваме со доктор Александар Мицковски, специјалист по урологија од приватната болница „Аџибадем Систина“.

Докторот вели дека од неодамна во нивната болница со локална анестезија се третира бенигно зголемување на простата.

– Тоа е метода кај која лекот е водата. Нема хемикалии, нема терапија, нема ласери, нема зрачење, туку има лекување со вода. Употребата на врела водена пареа генерирана не со топлина, туку со радиофреквентна енергија, може да достигне до 103 степени во неколку милисекунди. А при тоа сите рачни уреди и генератор да не создава топлина. Значи, ние добиваме на врвот на инструментот на иглата 103 степени пареа. Се останато е ладно. Таа пареа е на апаратот кој се вика „Резум“, тој е американски патент, нема втор таков на планета, со него го третираме бенигното зголемување на простата на најминимално агресивен начин од досега познатите. Со тие убоди со врела водена пареа се предизвикува изумирање или некроза на оној дел на простатата што смета на каналот за мокрење – вели Мицковски.

Тој објаснува дека во период, помеѓу две недели до три месеци, организмот тоа мртво ткиво, го вари и организмот се чисти, а се ослободува каналот за мокрење.

– Загарантирано е дека во следните 10 години ќе има одличен проток без потреба од терапија. При тоа, исто така е загарантирано е дека кај 100% од пациентите ќе биде комплетно зачувана сексуалната функција и ќе биде зачувано исфрлањето на сперма и можноста пациентот да биде татко. Операцијата се прави со локална анестезија, се вбризгува локален анестетик кој делува само во регијата околу простата. Се работи со потполно буден пациент процедурата трае 20-25 минути и пациентот си оди дома на денот на операција – вели докторот.

Објаснува дека олеснување нема да почувствува веднаш, треба да помине период од најмалку две недели додека организмот го свари мртвото ткиво. Резултатите се одлични, а пациентите веднаш може да се вратат на работа, да вежбаат и да продолжат со нормален живот. Вели дека лековите за простата предизвикуваат т.н суви оргазми, без исфрлање на сперма, а тоа сè почесто се јавува кај помлади пациенти. Со овој третман нема никакви проблеми.

– Овој тип на операција се прави само кај бенигни зголемувањата на простата. Кај карциноми мора комплетно отстранување на цела жлезда. Компликациите се сведени на некој непрепознатлив минимум. Значи, се минимални. До сега се оперирани 120 пациенти – вели Мицковски.

Тој објаснува дека како жител кој цел свој живот го поминал на Балканот, а бил во многу земји да види кога се оперираат мажите и кога бараат лекарска помош, дошол до заклучок дека само кај нас се трпат симптомите.

– Нема да сретнете маж којшто толку многу трпи симптоми и ќе дојде до катетер, да речеме во Словенија, нема да сретнете во Австрија. Големо мнозинство од пациентите што дојдат кај нас, стануваат по пет пати ноќе. Мократ преку ден, ургентно, треба да застануваат на пола пат да се измократ. Се мачат да мократ, клекнуваат за да се измократ и тоа го трпат. Нема потреба со оваа метода – вели Мицковски.

Вели дека сè уште одењето на уролог е стигматизирано. Пациентите кај нас одат на лекар во многу понапредна фаза отколку во Европа.

– Кај нас чека премногу. Се мачат. А има многу едноставна можност за операција, сега и со локална анестезија. Некои од нив ни за терапија не биле на уролог да побараат. Не треба да се плашат, не треба да дојде ситуацијата да носат катетер, па да побараат помош – вели Мицковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот