
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Јованоска: Наместо во дом, возрасните лица можат да добијат негувател дома
Имаат ли можност возрасните лица да добијат негувател во домот? Како да дојдат до него? Дали државата покрива дел од трошоците? На оваа тема разговараме со доктор Билјана Јованоска, сопственик на приватната ординација „Халкмед“. Со неа разговараме и за преполните амбуланти, за медицинската грижа, но и за домашните посети и за услугата „Твој доктор дома“.
Препорачано
Докторката вели дека без разлика дали станува збор за грип или некој друг вирус, основна е заштитата и превентивните мерки.
– Хигиено-диететскиот режим е најбитен, правилна исхрана, редовно проветрување на просториите, да се мијат редовно раце, да се носат и маски. Точно е дека во изминатите две недели, имаше покачување на бројка на лица кои имаат симптоми што ги поврзуваме со вирусот на грип, но имаше и настинки, имаше и прегледи што се однесуваа на домашна посета, на нашата услуга „твој доктор дома“ – вели Јованоска.
Таа објаснува дека иако има многу болни, бројката не се разликува многу од минатата година. За Здружението за грижа на стари лица „Хоум Кардула“ вели дека е новитет, а идејата дошла поради честите домашни посети кои ги прави како лекар.
– Поради домашните посети кои беа чести во изминатите 3-4 година додека се развиваше услугата „Твој доктор дома“ дојдов до еден заклучок дека се зголемува потребата на старите лица повеќе од социјален аспект да бидат згрижени. Со „Твој доктор дома“ добиваат здравствена заштита, но не и социјална грижа. Затоа го формиравме „Хоум Кардула“ односно услуга за негувател во домот. Тоа е услуга која се разликува од „Твој доктор дома“ и би била среќна еден ден двете услуги да се најдат на едно место, односно таа грижа да коегзистира како комплементарна грижа – вели Јованоска.
Во моментов има седум негуватели вработени во „Хоум Кардула“ и засега услугата се наплатува приватно. Здружението ќе дава нега во домот на старите лица, независно дали ќе бидат тоа приватни услуги или услуги коишто влегуваат под Министерство за труд и социјала.
– Процесот е следен. Пациентот се обраќа до својот матичен лекар, се изработува КАЦ-индекс, матичниот лекар проценува дали тој човек има проблем со извршување на секојдневни активности, проблеми со движење. Се прави процена дали тоа е поради возраста или во прашање е хронично заболување и тој човек има потреба од дополнителна грижа, којашто ќе се одвива во домот – вели Јованоска.
Потоа Министерството за труд и социјала проценува колку часови нега му се потребни на тоа лице врз основа на наодот на лекар и се доделуваат одреден број часови и се одредува кој провајдер, односно здружение ќе ја дава услугата. Тоа значи дека лицето добива неколкучасовна нега во текот на денот.

– КАЦ индексот е оној којшто ќе ги одреди насоките. Идејата е ако некој сака да ангажира негувател за својот родител, а не сака да биде сместен во дом, тогаш може да се обрати на „Хоум Кардула“ и заедно со барателот на услугата да се договори кои се потребите на лицето. Максимално може да добие 80 часа месечно – вели Јованоска.
Таа вели дека ако има потреба, може да се договори и со неколку негуватели. Цените се движат од 300 до 600 денари за еден час во зависност од состојбата на лицето и неговите потреби.