Александар Дервишов - Инфектолог од Систина - Фото - Слободен печат - Методи Здравев
Александар Дервишов - Инфектолог од Систина - Фото - Слободен печат - Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Дервишов: За ковид како и за грип, вакцина еднаш годишно

Грип, настинка или ковид. Како да препознаеме и кои се разликите во симптомите? Како можеме да се заштитиме и како да поработиме на имунитетот? Кога треба да побараме лекарска помош и дали секогаш треба да земеме антибиотик? Дали вакцината против грип штити и од ковид? На оваа тема зборуваме со доктор Александар Дервишов инфектолог од приватната болница„Аџибадем Систина“. Докторот вели дека со падот на температурите и чекалниците почнаа да се полнат. Препорачува вакцинација против грип за сите ризични групи, но и за мали деца од шест месеци до 5 години, како и вакцина против ковид еднаш годишно.

Според него, на прв поглед не може да се направи разлика меѓу настинка, ковид и грип бидејќи симптомите се слични.

– За да утврдиме за што конкретно станува збор, неопходно е, за да се направи јасна дистинкција, да се направат лабораториски и некои молекуларни иследувања за да се утврди дали е настинка, ковид или грип. Иако симптомите се слични, во поголем дел се поклопуваат. Кај  грипот има мал период на инкубација, во споредба со ковидот. Симптомите се развиваат брзо, се зголемува телесната температура. Кај ковидот има губење на мирис и вкус кои не се карактеристични за грипот – вели Дервишов.

Затоа објаснува дека е потребно да се направи барем брз антигенски тест, со кој ќе се направи разлика дали станува збор за грип или за ковид.

– За пациентите кои се третираат амбулантски, не е препорачливо да се дава веднаш антибиотик, посебно кога ќе се утврди дијагноза којашто е една од овие, ковид или инфлуенца, затоа што антибиотски се третира само инфекција каде што има бактериски причинител. Антибиотик даваме доколку има компликации од типот на бактериска бронхопневмонија која е најчеста компликација на примарната вирусна инфекција – вели докторот.

Објаснува дека грипот се јавува околу четириесеттата недела во годината, односно календарски на крајот на октомври. Колективен имунитет за грип можеме да очекуваме најмалку три недели по вакцинацијата, зависи со кој тек и со каков интензитет ќе се спроведува.

– Малку доцниме со вакцинацијата. Колективен имунитет ќе стекнеме некаде околу 20 ноември. Мислам дека има релевантни институции коишто направиле процена дека овие 80.000 вакцини би биле условно кажано доволни. Треба да се вакцинираат ризик групи како возрасни, над 65 години пациенти коишто имаат коморбидитети, бремени жени и исто така е препорачливо за младата популација, односно за децата, посебно меѓу шест месеци и пет години. Вакцината овде е неопходна затоа што дел од нив посетуваат градинки, школи, простори каде што има голем број луѓе и полесна е трансмисијата на овие заболувања – вели Дервишов.

Кога е ковид во прашање, вели дека и овде, како и кај грипот, препорачливо е вакцина да се прими еднаш годишно, бидејќи вирусот постојано мутира. За вирусот кој циркулира последните неколку недели, кој дава симптоми со повраќање, дијареја и високи температури, но и проблеми со дишни патишта, вели дека најверојатно е аденовирус.

– Дава симптоми слични на инфлуенца, но е далеку полесен за надминување. Како ќе опаѓаат надворешните температури, ќе имаме сè повеќе вируси. Ако има компликации, потребна е хоспитализација. Пациентот се јавува прво амбулантски кај нас, ќе биде реализирана рендгенографија, доколку се верифицира пневмонија како компликација на вирусното заболување, тогаш пациентот би се хоспитализирал. Во принцип, ова се санира од 10 до 14 дена, толку е болничкото лекување – вели докторот.

Александар Дервишов - Инфектолог од Систина - Фото - Слободен печат - Методи Здравев
Александар Дервишов – Инфектолог од Систина – Фото – Слободен печат – Методи Здравев

Апелира до младите и вели дека е пожелно да се вакцинираат. Што се однесува до јавен превоз, претпочита носење на маска, за да се спречи трансмисијата, односно ширење на заразата.

– И за лекувањето за крај, да им препорачаме, да не се лекуваат на своја рака. Доколку се потврди инфлуенца, да не се почнува веднаш со антибиотик. Антибиотски третман се отпочнува доколку има некаква бактериска компликација. Во спротивно се примаат антипиретици и антивиротици, во зависност од вирусот што ќе биде добиен и односно изолиран – вели Дервишов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот