Владимир Благојевиќ - етнолог / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Благојевиќ: Ноќта на вештерките не е закана за нашите празници, туку поп-култура

Постојат многу полемики за тоа дали Ноќта на вештерките треба да се слави кај нас или тоа е грев. Дали прифаќањето на западните култури влијае на намалување на вредностите на нашите обичаи? Халоуин датира од 6 век, кога христијанската католичка црква за првпат забележала дека келтските и галските племиња одржуваат некакви обичаи, нарекувајќи го празникот Суан. Го славеле на крајот на годината и го означувал крајот на жетвата, како и подготовка за дочек на зимата. Се принесувала жртва, а принесената жртва ја користеле како зимница. Во тоа време немало тикви, но се палеле огнови.

Градовите отсекогаш биле подложни на асимилација на нови традиции и култури за разлика од селата, па така не гледам некаков проблем што кај нас луѓето се забавуваат на Халоуин, вели етнологот Владимир Благојевиќ за „Слободен печат“.

– Следејќи ги обичаите поврзани со овој празник, во седмиот век црквата одлучила да го примени празникот и да го адаптира со друг христијански празник, поточно Папата Григориј IV го поместува датумот на празникот Сите свети од пролет во есен и го спојува со овој празник на 31 октомври. Оттогаш се слави како христијански празник Ноќ на сите свети, а се поврзува и со мртвите. Има верување дека тогаш починатите доаѓаат да ги видат своите ближни, во многу земји таа вечер се остава храна на масата за нив, на овој ден реалниот земски свет се спојува со магискиот или со светот на смртта – рече Благојевиќ.

Маските на Ноќта на вештерките симболизираат протерување на злото, одбивање на лошите сили, а поп-културата, пак, придонесе со текот на времето овие „претворања“ во чудовишта, духови, вештерки, да станат култни.

Благојевиќ ја прави паралелата со нашите обичаи кои премногу наликуваат на обичаите поврзани со Ноќта на вештерките, како на пример нашите коледари и нивниот обичај „прелажи или почести“ (trick or treat).

– Во минатото кога немало струја и било темница, кога навечер на врата ќе се појавел некој, требало да му се даде нешто за да не направи беља. Има бројни примери за тоа дека кога некои не добивале лижавчиња и колачиња, правеле големи зулуми, до уништување на покуќнината – раскажува тој.

Огновите се присутни во повеќе култури, се среќаваат и кај нас, а суштината кај сите е иста, повикување на светлината и бркање на темнината. Благојевиќ нè потсетува и на Џулумарите, кои исто така се маскираат во страшила, слично како и за Халоуин, одат по куќите, пеат песни и добиваат награда за тоа.

Според него, тоа што на Ноќта на вештерките ѝ се придава значење кај нас, не е закана за нашата култура и традиција.

– Денес како никогаш се слават нашите празници, јас забележувам дека многу домаќинства имаат долгогодишни слави кои ги продолжуваат и новите генерации, на тој начин се негува традицијата и во ова ново модерно време. Присуството на Халоуин не би требало да претставува закана за нашите обичаи. Постојат неколку причини зошто има луѓе кои не го прифаќаат. Стравот од различностите,  маските кои се популаризирани за разлика од нашите маскенбали, коишто имаат покласични маски, второ, тоа што е туѓа култура, а дополнително мислам дека им пречи тоа што на некој начин тука имаме поигрување со смртта, претпоставувам таа морбидност кај повозрасните создава одбивност, гледам дека го поврзуваат со сатанизам. Халоуин кај нас се слави три децении низ призма на забава под маски, убаво поминато време, јас никогаш не сум видел дека на тие забави некој правел обреди или нешто слично. Едноставно луѓето ја убиваат досадата и нема повредени. Халоуин е поп-култура, а не традиција – нагласува Благојевиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот