Фото: Принтскрин

ВИДЕОАНКЕТА | Зошто го одбравте факултетот на кој се запишувате?

Денеска се одржуваат уписите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Бруцошите се наоѓаат пред професионалната крстосница кога одлучуваат за своето понатамошно кариерно насочување.

Како и во минатите години, најмногу слободни места има за упис на студиските програми на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство-ФИНКИ (1020), Природно-математичкиот факултет (910), Филозофски факултет (880), Филолошки (810), Медицински факултет (760), Економски (700), Правен факултет (610), Факултет за електротехника и информациски технологии-ФЕИТ (590).

„Слободен печат“ направи анкета во која ги праша бруцошите на кој факултет се запишуваат, зошто се одлучиле за тој факултет, дали сметаат дека професијата која ја одбрале е перспективна во Македонија и зошто одлучиле да студираат во Македонија?

Повеќето од идните студенти кои одговорија на прашањата се запишуваа на Факултетот за инженерски науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ, сметајќи дека тоа е најдобриот избор за нив.

– Условите на факултетот се феноменални, мислам дека нема друг факултет како што е ФИНКИ со такви предмети и струки – изјави еден бруцош.

Некои од анкетираните се одлучиле да се запишат и на факултети како што се Технолошкиот факултет, Машинскиот и други.

– Јас се запишав на Технолошкиот факултет, бидејќи генерално ми се допаѓаат насоките, а и во тоа бев добра во средно, така што кон тоа бев повеќе заинтересирана и фокусирана – изјави една идна студентка.

На прашањето дали имале шанса да се запишат на факултет надвор од Македонија, идните студенти одговорија дека дел од нив ја имале таа шанса, дел не, но сепак сакале да останат во Македонија.

– Не размислував да се запишам во странство, не ми дошло на ум. Тука сè ми е некако познато и главно поради тоа и останав тука – сподели една студентка пред камерата на „Слободен печат“.

 

– Имав шанса да се запишам на факултет во странство, поточно во Словенија или Србија. Но не сакав, бидејќи е подалеку оттука, и мислам дека се слични стандардите за факултетите како тука, и немаше баш причина да отидам во странство – кажа еден бруцош.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот