ВИДЕОАНКЕТА: На што би сакале да мириса Чаир?
По изборите и изјавите дека „Центар мириса на шампон“, „Слободен печат“ излезе на терен во општина Чаир за да провери како жителите го оценуваат новиот градоначалник, дали нешто е започнато, за што би гласале и – најважното – на што во моментов мириса Чаир и на што би сакале да мириса во иднина.
Препорачано
Погледнете што ни одговорија чаирчани:
Анкетата е снимена на албански и на македонски јазик.
На прашањето што е најитно да се реализира во општина Чаир, еден граѓанин ни одговори дека основен приоритетот е чистотата:
„Би рекол… чистотата да биде на соодветно ниво, затоа што понекогаш камионите доцнат, комуналните услуги се пролонгираат…“.
Друг соговорник е скептичен на прашањата околу ветувањата на Изет Меџити, но сепак, признава дека забележал помало поместување:
„Ги тргнале големите контејнери што беа полни со ѓубре. Исчистени се, ќе видиме понатаму“.
Најитна промена, според жителите на Чаир, е средување на булеварот и чистење на улиците и на ѓубрето.
Ги прашавме и дали имаат очекувања и доверба во новиот градоначалник на Град Скопје – Орце Ѓорѓиевски.
„Немам никакви очекувања од ВМРО. Според моето убедување, тие немаат направено ништо добро за државата“.
Добивме и друга перспектива од една жителка од Центар, која ја сретнавме пазарувајќи во Чаир. Таа вели дека во општина Центар имало редовно чистење „до Владата“, но подалеку – не.
Дали градоначалникот Меџити е активен?
Повеќето од анкетираните велат дека ретко го гледаат на терен, а според неколкумина, можеби е и прерано.
„Сè уште нема почнато со работа“.
Еден граѓанин го тврди спротивното:
„Го имам видено како работи… асфалтирање улици… работи во служба на албанскиот народ“.
На прашањето на што би сакале да мириса Чаир и дали би мирисал на шампон, повеќето реагираа со смеа и иронија.
„Ќе видиме… но би сакал да замириса убаво“, одговори еден господин.
„И за општина Чаир би било убаво да мириса на шампон“, додаде друго момче.
Но, добивме и ироничен, но реален одговор.
„Да не се лажеме – сè уште мириса на отпад, на депонија.“
„Културата на народот е на многу ниско ниво… ама и градоначалниците докажаа дека не се кадарни да се справат со ова“, додаде истиот соговорник.
„Не мириса на чистотија. Треба да мириса на „бекутан“. Затоа го избравме градоначалникот Изет“, вели друг чаирчанец.


