ВИДЕО: Зошто фудбалерите на Реал Мадрид на тренинзите користат специјални маски?
Фудбалерите на Реал Мадрид во изминатите денови го привлекоа вниманието на јавноста тренирајќи со необични сини маски, кои на прв поглед потсетуваат на опрема за тренинг во услови на висински подготовки.
Препорачано
Сепак, овие маски имаат сосема поинаква намена. Зад нивната примена стои Антонио Пинтус, кондицискиот тренер на Реал Мадрид, чија задача е следење и унапредување на физичката подготвеност на играчите.
Маските се користат за време на тестови на оптоварување, а Пинтус за клупската телевизија објасни дека тие се „дизајнирани за да се утврдат аеробниот и анаеробниот праг на играчите, како и нивната моментална физичка сила“.
Станува збор за маските „Cosmed K5“, кои му овозможуваат на стручниот штаб прецизно да го измери „VO₂ max“, максималната количина кислород што телото може да ја искористи при висок интензитет на напор. Спортскиот физиотерапевт Бен Ворбартон за „Би-би-си“ појасни дека се работи за врвна технологија.
„Реал Мадрид користи високотехнолошка опрема што овозможува тестирање на играчите директно за време на тренинг. Тоа е огромна предност, бидејќи истовремено се тренира и се собираат податоци“, изјави тој.
Тој додаде дека класичните тестирања на лента за трчање или на велосипед би одзеле многу време и би барале прекин на тренингот, а и подлогата значително се разликува од тревата.
Ваквиот пристап му овозможува на клубот да заштеди време, но и навремено да препознае потенцијални проблеми, како затегнати мускули или пад на физичките параметри, со што се намалува ризикот од повреди. Ова не е првпат фудбалерите на Реал да ги користат овие маски. Клубот дури објави и видео на својот јутјуб-канал под наслов „Маските се вратија“, потврдувајќи дека станува збор за проверен метод.
Маските ги произведува италијанската компанија „Космед“, која наведува дека тие имаат анатомски обликуван дизајн, еластична поддршка за удобно и сигурно прилегање, како и интегрирана потпора за брадата за дополнителна стабилност.
Според пишувањата на „Атлетик“, цената на еден ваков комплет изнесува околу 30.000 евра.
Антонио Пинтус за првпат пристигна во Реал Мадрид во 2016 година, а оваа технологија ја користи уште од деведесеттите, кога работеше во Монако. Маските биле користени и за време на мандатите на Карло Анчелоти и Зинедин Зидан, како и повремено во периодот кога тимот го водеше Чаби Алонсо.


