Фото: Слободен печат

ВИДЕО | Загрижува негрижата за градот: Крошните на дрвјата заробени од кабли, стари жици и јажиња

Пред некоја година, градските и општинските власти се ангажираа да ги ослободат сите забетонирани стебла на дрвјата при градежни работи. Почнаа и запреа. Сега нека го свртат погледот кон крошните и нека ги ослободат гранките од каблите и јажињата.

Нехигиената, дивите депонии и смрдливи контејнери веќе станаа вообичаена слика во Скопје. Исто како што и секојдневен, голем и засега се чини нерешлив проблем е јавниот градски превоз во кој недостигаат автобуси, а оние што превезуваат патници „стенкаат“ од дотраеност и никогаш не се знае дали ќе стигнат на дестинацијата каде што тргнале без дефект или без да им снема гориво.

Скопјани се изморени од грдите глетки низ градот, од тоталната негрижа на градските власти и од отсуството на градоначалничката Данела Арсовска во јавноста, која и понатаму очекуваат да соопшти дали има намера да преземе нешто за градот да почне колку толку нормално да функционира.

Фото: Слободен печат

Негрижата е евидентна на секој чекор. Во периодов кога Скопје е полно со туристи, кои во групи во обиколка тргнуваат речиси секогаш од градскиот плоштад, прво со што се соочуваат се недоизградените објекти од фамозниот проект „Скопје 2014“ поставени од едната страна на плоштадот. Ниту десет години не беа доволни овие градби да бидат завршени, ниту некој знае кога тоа ќе се случи.

На плоштадот, пак, гостите во градот ги пречекува фонтана што повеќе капе отколку што прска, нечистотија и бездомни кучиња, кои се одомаќинети на овој простор и покрај честите реакции на граѓаните.

 Јас се срамам кога ќе видам група туристи на плоштад. Не знам како не се засрамат градските власти еднаш. Плочките нечисти, кучиња исполегнати, смрди од шахтите на улица Македонија. Фасадите и зградите останаа недоправени, онаму кај Порта Македонија плочникот е искршен. Кај и да се свртиш, за никаде е. Па погледнете низ крошните на дрвјата, уште некаде се оставени или заборавени, не знам, светилки од Нова година, висат кабли, не дај боже ќе настрада некој. Вака ли треба да изгледа главен град? – прашува повозрасен скопјанец, со кого поразговаравме во центарот на градот.

Фото: Слободен печат

И навистина од канделабрите, бандерите и дрвјата висат кабли, јажиња и разни жици, кои некогаш веројатно за нешто служеле, но сега освен да го нагрдуваат градот, немаат некоја друга намена.

Крошните од дрворедите пак во централното подрачје кријат вистински „чудесии“ и неверојатни изуми. Па, така, на пример, служат за преку гранките да се префрлаат кабли од железните бандери до објектот каде има потреба од нив. Најчесто тие се толку долго замотани околу гранките на дрвјата што се врежани во стеблото и сериозно ги оштетуваат. Во крошните се кријат и остатоци од заврзани јажина, заврзани челични жици, новогодишни украси и сијалички. Има сѐ освен птици, на кои крошните на дрвјата треба да им се природна средина, но не и во центарот на Скопје каде што тие се заробени од кабли и жици.

Фото: Слободен печат

Во Скопје, градот на бетон и асфалт, секое дрво, секој зелен простор треба да се чува како вистинско богатство. Пред некоја година, градските и општинските власти се ангажираа да ги ослободат сите забетонирани стебла на дрвата при градежни работи. Почнаа и запреа. Сега нека го свртат погледот кон крошните и нека ги ослободат гранките од каблите и јажињата. Тоа барем би требало да е поедноставна работа, ако некој воопшто се грижи за зеленилото и животната средина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот