ВИДЕО | Заев: Во СДСМ градам структури кои сакам да ја демократизираат, да има дебата, различност, кавги – ние сме отворена партија

СДСМ се менува, се подмладува, тоа ја носи прогресивноста, енергијата во работата. Не дозволуваме да се замрзнеме, односно да се оддалечиме од реалноста. Затоа направивме динамични и кадровски и политички новини во СДСМ. Имаме 37.5% млади во Централниот одбор, имаме 50% жени, кои за нас се важни социјалдемократски вредности, изјави во Утрински брифинг премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев.

Запрашан за тоа што во Централниот одбор на партијата поголем дел се млади кадри кои не го паметат поранешниот македонски претседател Киро Глигоров и неговиот придонес во развојот на државата, лидерот на СДСМ нагласи:

-Околу паралелата со младоста, не знам дали знаете Киро Глигоров на свои 27 години е секретар на иницијативниот одбор на АСНОМ. Го води записникот, одлуките кои се донесени на АСНОМ, делегат на АВНОЈ. Вториот човек во СДСМ, Сања Лукаревска, дваесет години е во СДСМ, што е исто важно. Генерално, професионалните, општествените, експертски ставови се градат во сите дваесетина комисии кои се помошни тела на ИО и на ЦО. Сериозни општественици, најпрвите во кариерата или меѓу првите имиња во било која од областите членуваат во комисиите, ИО доаѓа од редовите на СДСМ на предлог на МО, на Општинските организации. Ние сме отворена партија и гледате дека имаме нови луѓе кои дојдоа од надвор како предлози на раководството. Кога збориме за Лукаревска и нејзиниот политички ангажман, морам да кажам дека таа како носител на Втората изборна единица директно се има вклучено во коментирањето на социјдемократските вредности, до социјалната политика. Кога збориме за меѓународните теми, тие прво се дефинираат во владата, второ градењето на политиките обично е со повик на луѓе кои се стручни. Шекеринска е тука, таа не оди на месечината, таа е дел од владата, работам со Димитров, но во партијата има и Дипломатски клуб, вели премиерот Заев.

Тој додаде дека во Централниот одбор има луѓе од сите етнички заедници.

-ЦО е највисок орган помеѓу два конгреси и тука се градат главните политики. ИО е активно тело на дневна база. Нашите помошни тела, Комисиите се едни од најактивните делови во СДСМ. Новата енергија, новата политика е возобновена со нови лица, доминантно во новите лица има млади луѓе. Амбицијата и ентузијазмот носат успеси. Ние треба да направиме убав баланс и секој пат тоа го правиме. На сите дебати покрај ИО, присустуваат гости, комисии, стручни луѓе, многу често каниме гости од Универзитетите. Нашиот коректив, респонзивност и повлекување е докажано до сега. Ние немаме проблем со тоа. Слободата, демократијата е присутна сега, и ниаква паралела со ВМРО-ДПМНЕ не е прифатлива. Должност на секој претседател е да остави наследство, капацитетни млади луѓе со енергија. Јас сум претседател 8 години, треба да дојдат луѓе после нас кои ќе го наследат тоа, ќе го унапредат. И не сакам да повлекувам паралели од Владата со партијата. Во партијата градам структури кои сакам да ја демократизираат, да има дебата, различност, кавги, ама нека се калат тие луѓе. Искусните се секаде околу нас, можеби не се на водечките функции, но тука се, дециден е премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот