ВИДЕО | За овој женски говор зборува цел Балкан: Уапсете ме до утре, оти по ова веројатно нема ни да се вработам

србија
Говор на активистка во Србија / Фото: Принтскрин/Твитер

Стотици демонстранти, од кои повеќето девојки и жени, вчера протестираа пред редакцијата на таблоидот „Информер“ во центарот на Белград, барајќи одговорност од сопственикот и од уредникот за објавеното интервју со осуден сериски силувач.

ВИДЕО | „Ја силувате Србија“: Таблоидот „Информер“ објави интервју со сериски силувач, пред редакцијата протест

Учесниците протестираа поради објавеното интервју со Игор Милошевиќ, кому таблоидот му ја посвети целата насловна страница од новиот број, на која тој се фали дека од својата 14 година досега минал само три месеци на слобода.

Деновиве социјалните мрежи се преплавени со реакции на револтирани граѓани на Србија. Порталот zadovoljna.nova.rs објави дел од говорот на една девојка на вчерашниот протест посветен на полицијата која ја штитеше зградата.

„Вашата мајка е жена, вашата сестра е жена, вашата ќерка е жена – а вие дојдовте да го штитите Информер! Уапсете ме до утре, знам дека после ова веројатно нема ни да се вработам во оваа земја. Но вие нè навредувате секој ден со тоа што не доаѓате по три часа кога некој ќе пријави насилство“.

Ова се зборовите на активистката која ја „запали“ толпата на вчерашниот протест пред редакцијата на Информер. Нејзиниот краток, но моќен говор стана вирален на социјалните мрежи – а пораката што ја испрати до полицијата е многу јасна.

Протестот го организираше феминистичкото движење „Женска солидарност“ поради објавување на интервју со сериски силувач кој неодамна беше ослободен. Насобраните час и половина го блокираа сообраќајот пред редакцијата, а кон зградата фрлаа со јајца.

„Женска солидарност“ изрази загриженост и за повторната траума што медиумите им ја нанесуваат на жртвите на силување.

„Нивното искуство е потценето и се доведува во прашање, а преживеаните често минуваат низ секундарна виктимизација и постојано насилство од институциите. Наместо да ги заштитат и да ја донесат правдата, институциите ги третираат жените како еднакво виновни за насилството што го доживеале“, велат тие.

Реагираше и заменик премиерката и претседателка на Координативното тело за родова еднаквост на Србија, проф д-р Зорана Михајловиќ, која за порталот „Нова.рс“ изјави дека медиумите наместо да шират страв и паника заради сензационалистичко известување, треба да се занимаваат со безбедноста на жените на јавни места и спречување на сексуални напади врз жени.

Исто така, важно е да се напомене дека од почетокот на годината во Србија се убиени 23 жени во семејно-партнерски односи. Посебно грозоморен е фактот што секоја трета жена што пријавила насилство на крајот била убиена, што е доволен показател дека надлежните органи не реагирале навремено, ниту ги презеле сите можни чекори за заштита на жените од насилниците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот