Неврологија-ден на мозочен удар / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ВИДЕО | За еден час 50 пациенти се пријавија за доплер без упат на Неврологија

Повеќе од 50 граѓани за еден час денеска пристигнаа во амбулантата на Клиниката за неврологија за да направат бесплатен доплер на каротидни артерии без упат како дел од традиционалната превентивна кампања на Клиниката за превенирање на оваа животозагрозувачка состојба што секоја година бележи 5 илјади нови случаи.

На некои од пациентите кои дојдоа на преглед, како што посведочи нашата екипа на терен, на пултот најнапред им беше кажано дека ако од 10 до 12 часот не дојдат на ред, нема да бидат прегледани. Но, подоцна ситуацијата се поправи и сите пациенти беа распределени наместо на еден доплер апарат, на два со што на сите им беше ветено испорачување на услугата.

По повод Светскиот ден на мозочниот удар, директорот на Клиниката д-р Јован Божиновски истакна дека целта на оваа кампања е да се делува превентивно и едукативно врз граѓаните затоа што мозочниот удар иако е честа состојба и чест причинител на смртен исход и број еден причинител на инвалидитет, исто така е и состојба која може да се лекува.

Клиника за неврологија, Светски ден на мозочен удар / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Професор доктор Анита Арсовска, шефица на одделот за ургентна неврологија истакна дека Македонија има средна инциденца и преваленца на мозочни удари. Таа ја потенцираше важноста на тоа граѓаните да ги знаат симптомите и знаците на мозочен удар – акутно настанување на парализа на едната страна од телото, искривување на лицето од едната страна, одземен говор, во некои случаи може да се јави главоболка, нестабилност и проблеми со видот. Професорката рече дека има фактори што предизвикуваат мозочен удар на коишто може, но и такви на коишто не може да се влијае, со напомена граѓаните да се посветат на оние работи коишто може да ги контролираат.

-Можеме да влијаеме на покачениот крвен притисок, на покачениот шеќер во крвта, покачените маснотии, заболувањата на срцето и крвните садови, пушењето, стресното живеење, аерозагадувањето. Сите овие причинители можеме да ги спречиме и над 90 проценти од мозочните удари на ваков начин може да се превенираат, изјави проф. д-р Арсовска.

Клиника за неврологија, Светски ден на мозочен удар / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Таа истакна дека ниедна возраст не е поштедена од појавата на мозочни удари.

Може да се јави за жал и во детската возраст. Ние на Клиниката ги третираме пациентите над 14-годишна возраст и за жал тие ни биле нашите најмлади пациенти. Мажите од 60-69 години се позасегнати, но како се зголемува возраста жените почесто страдаат од срцеви заболувања, така што во повозрасната група жените се позасегнати од мозочен удар. Многу е битно времето за реакција после појавата на симптомите. Затоа нашата кампања FAST (Face, Arm, Speech, Time) ја преведовме во „брзо“ односно брзо препознавање на симптомите и знаците а тоа се одземен говор, искривување на лицето, парализа на раката или ногата и треба што побрзо пациентите да се донесат во најблиската здравствена установа, конкретно во Скопје на Клиниката за неврологија, каде што ако се работи за исхемичен мозочен удар во првите три до четири и пол часа од почетокот на симптомите може да се аплицира интравенска тромболиза, а тоа е средство за разбивање на тромбот, рече професорката. 

Клиника за неврологија, Светски ден на мозочен удар / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

На Клиниката за неврологија недостига апарат за магнетна резонанца, па сликањето на пациентите се одвива на Рентген институтот. После изборите, директорот ќе побара од министерот за здравство Азир Алиу да се набави апарат кој ќе се користи само на Клиниката за неврологија и така да се заокружи цел процес и да може да се врши дијагностика целосно од почеток до крај.

Министерот за здравство Азир Алиу истакна дека деновите за скрининг се важни во стратегијата за превенција на мозочните удари – со цел граѓаните да научат како рано да ги препознаваат, да се едуцираат за исхраната за да се избегнат ваков тип заболувања.

Неврологија Светски ден на мозочен удар / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Тој ја пофали инфраструктурата на реновираната Клиника за неврологија. Секоја година Клиниката за неврологија, Здружението на невролози и Македонската асоцијација за мозочен удар се придружува кон одбележувањето на Светскиот ден на мозочен удар – 29 октомври.

За случајот со професор доктор Игор Кузмановски, кој работел без лиценца и чија компромитирачка видео-снимка каде меша бела прашкаста материја се појави на социјалните мрежи, министерот Алиу истакна дека ќе биде формирана дисциплинска комисија на Клиниката за неврологија.

Неврологија-ден на мозочен удар / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

-На заедничката средба со директорот, тој ме информираше дека има внатрешни административни процеси. Штом ќе завршат, ќе ве известиме. Уште нема креирано дисциплинска комисија. Ценам дека ќе се формира овие денови бидејќи докторот е на боледување. По враќањето на работа ќе почне и тој процес, изјави министерот Алиу. 

Неврологија-ден на мозочен удар / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот