ВИДЕО | Владимир Лазовски: Театарот е мојот втор дом

Владимир Лазовски
Владимир Лазовски / Фото: „Слободен печат“

Владимир Лазовски е првенец во Театарот за деца и младинци, првиот вработен во театарот, кој на 1 февруари оваа година го прослави својот 30-годишен јубилеј. По тој повод Лазовски гостуваше во „Утрински печат“, и зборуваше за своето долгогодишно искуство на сцената во Театарот за деца и младинци.

„Театарот за деца и младинци е едно вистинско семејство, јас кажувам дека е тоа мојот втор дом. Ние актерите мораме да живееме како едно семејство, мораме да се познаваме и приватно за да одиграме некоја улога како што треба. Не сме од оние актери кои си го учат текстот напамет, туку се чувствуваме, пред сѐ, се слушаме, а на една фамилија, на едно семејство главната особина е да се слушаат“, изјави за „Утрински печат“ Владимир Лазовски.

Лазовски вели дека не е клише тоа дека децата се најискрената публика, тие се раѓаат искрени, а подоцна општеството ги прави онакви какви што треба да ги направи. Токму поради нивната искреност е тешко да се игра пред нив, тие знаат да го скенираат актерот и да препознаат кога тој „глуми“.

„Секогаш треба да се задржи вниманието на децата и тоа е многу тешко за еден актер. Јас го работам тоа веќе 30 години, нашите претстави се интерактивни и ако не ја пробиеме границата помеѓу нас и публиката, тогаш претставата ќе си ја одиграме само за себе, а не за публиката. Треба да ги внесете децата во тој свет, а кога ќе ги внесете, имате фантастични партнери на сцената коишто буквално можат да си ја искреираат претставата“, го објаснува своето искуство на сцената Владимир Лазовски.

За Владимир најголемиот успех на театарот е тоа што со него израснала цела една генерација, тој не ги брои наградите и претставите, но службите во театарот кои ја водат таа статистика велат дека одиграл над 3.000 претстави.

„Во Театарот за деца и младинци имавме среќа 12 години да гостува режисерот и професор Боњо Лунгов од академијата во Софија во Бугарија, и со него научивме многу од техниките на куклениот театар. Тоа е многу тешка техника за изучување, има повеќе видови на кукли и сите тие имаат специфика на играње и на држење. Самата енергија актерот треба да ја пренесе врз куклата, и публиката да добие чувство дека куклата се смее, плаче и танцува“, вели Лазовски за куклениот театар.

Со Владимир зборувавме и за неговата љубов кон пеењето, манифестацијата „Глумците пеат“ и секојдневието во Скопје, а вие повеќе од разговорот можете да проследите во продолжение:

Повеќе разговори со Ана Трифуновски:

Јана Гигова: Може да се живее од улична уметност во Скопје

Денис Јанкуловски: Да не се плашиме од различностите, туку да ги прифатиме

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот