ВИДЕО | Ураганот Мелиса пустоши низ Јамајка: Дрвја се виткаат од ветриштата, снемува струја низ земјата
Сведоци од Јамајка опишуваат страшни сцени од силни експлозии во утрото, по што сè потемнело. Се слушала непрекината врева, а луѓето биле испаничени од разорниот ураган.
Ураганот Мелиса во вторникот попладне малку ослабна, но и натаму остана силен ураган од четврта категорија, откако го погоди копното на Јамајка како најмоќната бура што некогаш директно го погодила овој карипски остров со 2,8 милиони жители, објави „Ројтерс“.
Препорачано
Мелиса пристигна на копното во близина на градот Њу Хоуп, околу 62 километри јужно од Монтеего Беј, со постојани ветрови од 295 километри на час, според податоците на Американскиот национален центар за урагани (НХЦ). Тоа е далеку над минималниот праг за ураган од петта категорија — највисоко ниво на скалата на Сафир-Симпсон.
До 20 часот по ГМТ, ураганот ослабнал на 241 километар на час.
Според прогнозите, бурата ќе остане многу силна додека го преминува планинскиот остров, чијшто висок терен е крајно подложен на одрони и поплави, а потоа ќе продолжи кон Сантијаго де Куба, вториот најголем град на Куба.
Центарот за урагани со седиште во Мајами предупреди дека на патот на Мелиса е веројатна „целосна структурна разурнатост“.
„Островот никогаш во историјата не бил директно погоден од ураган од категорија 4 или 5. Разурнувањето може да биде нешто што луѓето на Јамајка никогаш не го виделе“, изјави експертот за урагани Алекс да Силва.
Мелиса е третиот најинтензивен ураган забележан во Карибите — по Вилма во 2005 година и Гилберт во 1988 година. Гилберт, патем, бил последниот голем ураган што директно ја погодил Јамајка.
„Огромна експлозија, па сѐ стана мрачно“
Локалниот координатор на организацијата „Мерси корпс“ во Портмор, Колин Богл, изјави дека наутро слушнал силна експлозија, по што сè потемнело. Засолништен со својата баба, слушал „непрекината врева“ и гледал како дрвјата се виткаат под налетот на ветровите.
„Луѓето се исплашени. Сеќавањата на ураганот Гилберт се сè уште живи, а постои и чувство на фрустрација што Јамајка повторно ја плаќа цената на климатската криза што не ја предизвика. Ќе биде потребна храна, но и помош за обнова – семиња, алати, поправка на возила – за луѓето повторно да си го повратат животот,“ рече тој.
Научниците предупредуваат дека поради глобалното затоплување, ураганите се засилуваат побргу и стануваат поразорни.
„Една третина од домаќинствата останаа без струја“
Јамајканската електрокомпанија соопшти дека повеќе од една третина од домаќинствата останале без струја, додека, пак, министерот за животна средина Метју Самуда изјави дека добива снимки од тешко оштетена јавна инфраструктура, како и оштетени болници и засолништа.
Тој додаде дека околу 70 отсто од населението живее на растојание помало од 5 километри од морето.
BREAKING: Horrific flooding in Santa Cruz, Jamaica, as Historic Category 5 Hurricane Melissa made landfall.
I fear that the destruction from this storm will be catastrophic. pic.twitter.com/cv4mdb1pTB
— Brian Krassenstein (@krassenstein) October 28, 2025
Болницата Блек Ривер, околу 20 километри југоисточно од местото каде што стигна ураганот, пријави значителна штета на еден од нејзините блокови.
На околу 150 километри подалеку, во Портланд Котиџ, 64-годишниот пензионер Колин Хенри Мекдоналд за Ројтерс изјави:
„Тоа е како лав што рика. Лудо е. Навистина лудо“.
Евакуирани се 6.000 луѓе
Властите соопштија дека 6.000 луѓе биле евакуирани во привремени засолништа, додека за 28.000 била издадена задолжителна наредба за евакуација, но дел од нив одбиле да ги напуштат домовите.
Еден координатор за кризни ситуации во најпогодената област доживеал мозочен удар додека бил на должност.
Во југоисточниот дел на Јамајка, здравствените власти предупредија дека крокодили би можеле да бидат изместени од мочуриштата и реките поради поплавите.
ВИДЕО | Американски воен авион влезе во центарот на ураганот Мелиса
„Бурата на векот“
„Се работи за катастрофална ситуација,“ изјави Ана-Клер Фонтан од Светската метеоролошка организација (ВМО), предупредувајќи на бранови и поплави високи до 4 метри.
„За Јамајка, ова е дефинитивно бурата на векот,“ рече таа.
Во Хаити и Доминиканската Република веќе неколку дена паѓаат обилни дождови, при што загинале најмалку четири лица, а во Јамајка тројца починале за време на подготовките за бурата.
ВИДЕО | Ураганот Мелиса ѝ се заканува на Јамајка, тројца загинати во поплавите и свлечиштата
Се очекува Мелиса да го премине источниот дел на Куба сè уште како моќен ураган, а потоа да продолжи кон Бахамите, каде премиерот Филип Дејвис нареди евакуација на јужните и источните острови.
Кубанските власти изјавија дека евакуирале околу 500.000 луѓе од области под ризик од ветрови и поплави.
„Мелиса ќе пристигне со огромна сила, и постои голема загриженост за тоа што може да уништи зад себе,“ порача кубанскиот претседател Мигел Дијас-Канел во државниот весник „Гранма“.
Ураганот може да пободи до 1,5 милиони луѓе во Јамајка
Според НХЦ, бавниот напредок на ураганот над исклучително топлите води на Карибите довел до неговото експлозивно засилување. Се очекуваат врнежи до 760 милиметри на некои делови од Јамајка и до 300 милиметри во делови од островот Хиспањола.
Меѓународната федерација на Црвениот крст процени дека до 1,5 милиони луѓе во Јамајка би можеле да бидат директно погодени од ураганот.
Премиерот Ендру Холнес во понеделникот побара меѓународна помош, наведувајќи дека владата има итен фонд од 33 милиони долари и ограничено осигурување за покривање на штетите.
Метеорологот Џонатан Портер, предупреди дека „бавните, но силни урагани обично се најразорни, а ова е сериозна ситуација што се одвива во забавено темпо“.
ВИДЕО | Американски воен авион влезе во центарот на ураганот Мелиса


