ВИДЕО: Тотенхем го испрати Челси во Лигата на шампионите
Последното коло во Премиер лигата донесе многу возбудувања, ги дознавме екипите кои следната сезона ќе бидат дел од Лигата на шампионите, а покрај Манчестер сити и Ливерпул, во елитното натпреварување ќе играат уште Челси и Ливерпул.
Астон Вила на „Вила парк“ го совлада Челси, но и покрај поразот лондонските „сини“ ја завршија сезоната на четвртото место.
Траоре се погрижи екипата од Бирмингем да дојде во водство во 43 минута, на стартот од вториот дел од пенал зголеми Ел-Гази, а гостите успеаја само да намалат преку Чилвел.
До крајот на таа средба остана 2:1, но ваквиот резултат немаше лоши последици по тимот на Тухел, бидејќи Тотенхем триумфираше над Лестер и автоматски го испрати Челси во ЛШ.
„Лисиците“ водеа двапати со 1:0, 2:1, но не се предаваше составот на Мејсон и до крајот направи пресврт, Шмајхел во 76 минута си постигна автогол за 2:2, а во финишот бодовите ги донесе Бејл.
Ливерпул на „Енфилд“ дојде до рутинска победа против Кристал Палас (2:0), двоен стрелец беше Мане во 36 и 74 минута.
Манчестер сити кој сезонава ја освои титулата заврши со голем стил совладувајќи го Евертон (5:0), Агуеро кој го одигра последниот меч за „граѓаните“ двапати се запиша во листата на стрелците, а по еднаш Де Брујн, Жезус и Фоден.
Лидс уште еднаш блескаше и пред своите навивачи со 3:1 го надигра Вест Бромвич, за домаќините целиот натпревар го одигра Езџан Алиоски. Договорот на македонскиот репрезентативец истекува на крајот од оваа сезона и нема никакви најави за продолжување на соработката.
На табелата играчите на Марсело Биелса го освоија деветтото мест со 59 бодови, пред нив беа Арсенал (61), Тотенхем (62), Вест Хем (65), Лестер (66), Челси (67), Ливерпул (69), Манчестер јунајтед (74) и Манчестер сити (86).
Во другите средби од последното 38 коло: Арсенал-Брајтон 2:0, Фулам-Њукасл 0:2, Шефилд јунајтед-Барнли 1:0, Вест Хем-Саутемптон 3:0, Вулверхемптон-Манчестер јунајтед 1:2.