ВИДЕО | Тага до небо: Ќерка ми во Турција замина да купи чеиз за свадба и не се врати
Посмртните останки на 45те загинати во автобуската несреќа во Бугарија денеска со два воено транспортни авиони на бугарската армија беа донесени на Меѓународниот аеродром во Скопје. Телата на загинатите ги пречекаа претседателот на државата, Стево Пендаровски, претседателот на Собранието, Талат Џафери, претседателот на Владата, Зоран Заев, како и други највисоки претставници на други институции и верски организации.
На церемонијата за преземање на останките на жртвите од несреќата во Бугарија, присуствуваа и претседателката на Косово, Вјоса Османи, претседателот на Собранието на Албанија, Линдита Никола, како и министерот за одбрана на Албанија, Нико Пелеши.
Таму беа и дел од најблиските роднини на настраданите.
Идавер Османов, кој во несрeќата ги изгубил сопругата и ќерката, не ја крие болката која му ја предизвикала оваа голема трагедија. Неговата ќерка во Турција заминала со мајка и за да купи чеиз за свадбата што требало да се случи во април. Тој вели дека телата на неговите најблиски ќе бидат погребани денеска и дека е правилно одлуката да биде откажана поворката со телата на загинатите.
– Ќерка ми се подготвуваше за свадба, во април ни беше закажана. Требаше да живее во Америка. Утрото на 23 ноември станав рано за да одам на автобуска станица и да ги пречекам, тогаш ми се јави ќерката да ми каже дека имало несреќа. Се обидував да дознам дали автобусот со кои патуваа жена ми и ќерката е запалениот, бев во неизвесност, многу ми беше тешко. Откако дознав дека тој е автобусот, повторно бев во неизвесност, бидејќи не знаев дали се моите живи или не. Дури кога отидов во Бугарија дознав дека никогаш веќе нема да ги видам. За оваа болка нема утеха, јас имам уште три ќерки и син, ама за болката нема утеха. Можам само да кажам дека таква била волјата господова – изјави Османов за „Слободен печат“.
Тој вели дека телата на неговите најблиски ќе бидат погребани денеска и дека е правилно одлуката да биде откажана поворката со телата на загинатите.
И на плоштадот „Скендербег“ граѓаните имаа можност со положување цвеќе да оддадат последна почит на трагично загинатите.