ВИДЕО | СЗО: 90 отсто намалување на заразувањето и смртноста од ковид-19 во светот

Ковид-19 во Њујорк, САД / Фото: EPA-EFE/JASON SZENES

Заразувањето и смртноста од ковид-19 во светот се намалени за повеќе од 90 отсто во однос на овогодинешниот врв. Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус на брифинг во Женева рече дека трендот е добра вест, но дека бројот на смртни случаи во последната недела (8737) не може да се смета за „прифатлив“, со оглед на тоа дека светската заедница веќе има алатки за контрола на пандемијата.

„Овој тренд е многу добар. Сепак, минатата недела СЗО доби информации за повеќе од три милиони случаи“, рече тој, истакнувајќи дека поради ослабениот епидемиолошки надзор и тестирање во некои земји не се пријавени сите случаи и всушност ги има повеќе.

Освен тоа, минатата недела беа пријавени и 8737 смртни случаи во светот.

„Не може да има прифатливо ниво на смртност од ковид-19, имајќи предвид дека се достапни средства за спречување, откривање и лекување на болеста“, рече Тедрос.

Според првиот човек на СЗО, потребен е „подобар механизам за споделување лиценци“ за лекарства во итни случаи. Во врска со ова, тој се надева дека на 12. министерска конференција на Светската трговска организација во Женева ќе биде донесена одлука за суспендирање на правата на интелектуална сопственост за вакцините, дијагностиката и лековите за да може да се произведуваат пошироко низ светот.

Заклучно со 13 јуни, во светот се регистрирани 532 887 531 случаи на болеста и 6 307 021 смртни случаи од почетокот на пандемијата на коронавирус.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот