Фото „Слободен печат“ Мирослава Симоновска
Фото „Слободен печат“ Мирослава Симоновска

ВИДЕО | Судењето за Онкологија се претвора во „војна“ на вештачења

Судскиот процес „Онкологија 1“ каде за несовесно лекување болни се обвинети тројца лекари од Клиниката за онкологија – Никола Васев, Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, се претвора во „војна“ на медицински вештачења. Обвинителството и одбраната имаат изработени вештачења за начинот на кој биле лекувани пациентите кои по се изгледа дека се дијаметрално спротивни. Адвокатот на второобвинетата Симонида Црвенкова, Владимир Туфегџиќ вели дека вештачењето што е изработено за нејзината одбрана го изработиле вешти лица од Клиниката за пулмологија при Клинички центар „Мајка Тереза“.

Владимир Туфегџиќ, адвокат на доктор Симонида Црвенкова изјави дека нивниот вешт наод и мислење е веќе изготвено како од областа на пулмологијата така и од областа на фармакологијата. Во меѓувреме роднини на починати пациенти во судница се откажуваат од кривичен прогон за Никола Васев а дел од нив изјавуваат дека „тој за нив е Господ“ и го фалат неговото лекување.

-Исказот на двајцата сведоци денеска кои иако не се однесуваат на обвинетата Симонида, го потврдуваат она што и во стручниот наод и мислење е наведено во смисла на одбраната на Симонида Црвенкова. А тоа е дека има сериозни отстапувања дури во стручниот наод и мислење констатирани се делумно и потполно непознавања од областа на хистолошката класификација и сметам дека тоа се дел од пропустите на истражната постапка, а особено она што и денешниот сведок го потврди – времето кога започнало лекувањето. Во нашиот случај стручно медицинското мислење и наод утврди дека лекувањето почнало многу порано од она што е наведено во обвинението. Понатаму утврдено е дека според природата и развојот на болеста очекуваното време за преживување за добар дел од пациентите е далеку над она што медицинската наука го предвидува. Како пример ќе наведам дека ако за одреден вид болест очекувано време за преживување е 6-8 месеци, пациентот токму поради лекувањето му бил продолжен векот на 2 години и 8 месеци. Во друг случај преживувањето е според медицинската наука 5 години а пациентот преживеал 9 години токму поради лекувањето, рече Туфегџиќ.

Тој рече дека јавниот обвинител треба да го докаже токму она на што упатува медицинското казнено право а тоа е значително грубо прекршување и отстапување од медицинските правила што во овој случај според него не може да се докаже.

Адвокатот на првообвинетиот Никола Васев, Боби Спирковски, вели дека техничкиот советник на Обвинителството доктор Милан Ристевски воопшто не смеел да биде ангажиран од Обвинителството за технички советник.

Судот денеска го прифати извештајот на техничкиот советник на Обвинителството, доктор Милан Ристевски и тој ќе биде дел од списите што ќе се изведат како докази во текот на главната расправа наспроти барањето на одбраната на Васев, извештајот на доктор Ристовски да биде изземен. Судот не го прифати барањето зашто Милан Ристевски престанал да работи на Клиниката за онкологија уште во 2018 година. Денеска работи во приватна болница а не на Клиниката за онкологија. Ристевски беше директор на Клиниката за онкологија пред Нино Васев кој го „наследи“.

-Имаме една чудна ситуација а тоа е Обвинителството предлага бројни сведоци кои треба да го подрржат обвинението а тие се претвораат во сведоци на одбраната и сведочат во корист на доктор Нино Васев со зборови што кажуваат за каков човек и каков доктор станува збор. Слушнавте за какви пофални зборови станува збор, изјави адвокатот на Васев, Боби Спирковски.

Тој се осврна и на доктор Мери Пешевска која призна вина. Според Спирковски, Мери Пешевска законски можела да биде само дисциплински санкционирана а не да одговара за кривично дело како што се случи.

-Со самото признавање со цел да биде изземена од понатамошниот кривичен прогон и да биде поблаго казнета, го стави Никола Васев во понеповолна состојба. Направивме дополнителна анализа на обвинителниот акт од тој сегмент и констатиравме дека Мери Пешевска нема направено никакво кривично дело. За нејзиниот факсимил користен од Васев, точно е утврдено со договорот меѓу ФЗОМ и клиниката дека ако таа го даде својот факсимил на друг лекар да го користи за тоа има две санкции – привремено исклучување од системот на Фондот а за установата кај што е вработена следува договорна парична казна. Доктор Мери Пешевска признала нешто што не е кривично дело, рече Спирковски. 

„Доктор Нино Васев за мене е Господ“, рече ќерка на почината пациентка во судница

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот