Судење за Онкологија случај Нино Васев - Фото Слободен пецат - Методи Здравев
Судење за Онкологија - Фото Слободен пецат - Методи Здравев

„Доктор Нино Васев за мене е Господ“, рече ќерка на почината пациентка во судница

Ќерка на сега покојна пациентка која од 2007 година се лекувала на Клиниката за онкологија, а која беше викната во судница да сведочи во предметот „Онкологија 1“ рече дека не се приклучува на кривичен прогон, нејзиното семејство не се чувствува за оштетено и дека доктор Никола Васев првообвинет во предметот, како што рече „за неа е Господ“.

– Лекувањето почна во 2007 година и траеше 13 години, целосно сум запознаена со се во тие 13 години. Мајка ми не сакаше да прима хемотерапија за да не ѝ падне косата  и за среќа лекувањето го продолжи кај доктор Нино Васев и кај него примаше имунотерапија сите години. Не се приклучувам на кривичен прогон и не сметам дека сме оштетени. Сакам да знам кои неправилности биле забележани во вештачењето. Господ за мене е доктор Нино Васев, мајка ми имаше карцином од петта група, сите се чудеа како толку долго време се лекуваше, некои мислеа дека историјата не е од 2007 година туку од 2017 дека почнала да се лекува, рече сведокот инаку медицинска сестра на една клиника во Клинички центар „Мајка Тереза“. 

Кон кривичен прогон не се приклучи ниту пациентка викната како сведок на Обвинителството. Таа само кажа дека ѝ била дадена насока да прави контроли на срцето секои три месеци поради примањето на онколошка терапија.

Обвинителката Ана Гоговска Јакимовска рече дека при претрес на канцеларијата 212 на Васев, по наредба на ОЈО, полицијата нашла 22 кутии со ампули, лекови за спречување гадење и повраќање, една кутија восочен материјал со име и презиме, ампули, шприц, „ерлотиниб“ за карцином на бели дробови, лек „метросант“ за лекување хормонски зависен рак на дојка, инјекции за спречување гадење, 4 кутии восочен материјал, една кутија „амоксипен цитрат“ хормонски лек за рак на дојка, цедиња од снимки за пациенти од приватна болница.

-Сите лекови биле пронајдени при претрес на канцеларијата 212 во која е констатиран голем фрижидер во кој имало и дел од лековите кои по кажувањето на тогашниот директор Клисаровска, не смееле да бидат во оваа канцеларија туку требало да се во клиничката аптека, рече обвинителката Гоговска Јакимовска.

Во предметот Онкологија 1, за тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување болни е обвинет екс-медицинскиот директор на Клиниката доктор Никола Васев. Покрај него, за несовесно лекување болни се обвинети и онколозите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски од Клиниката за онкологија.

Судот денеска го прифати извештајот на техничкиот советник на Обвинителството, доктор Милан Ристевски и тој ќе биде дел од списите што ќе се изведат како докази во текот на главната расправа наспроти барањето на одбраната на Васев, извештајот на доктор Ристовски да биде изземен. Судот не го прифати барањето зашто Милан Ристевски престанал да работи на Клиниката за онкологија уште во 2018 година. Денеска работи во приватна болница а не на Клиниката за онкологија. Ристевски беше директор на Клиниката за онкологија пред Нино Васев кој го „наследи“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот